СТОЕЧКИ ОВАЦИИ ЗА ПОПОВСКИ И ГРАБАРИЌ ЗА ПОЛИТИЧКИОТ ТРИЛЕР „РИКАРД ТРЕТИ“ ВО МНТ

    СТОЕЧКИ ОВАЦИИ ЗА ПОПОВСКИ И ГРАБАРИЌ ЗА ПОЛИТИЧКИОТ ТРИЛЕР „РИКАРД ТРЕТИ“ ВО МНТДолги овации и извици „браво“ доби целата екипа од 15 актери, особено Озрен Грабариќ за маестралната игра на монструозниот крал Рикард Трети (Фото: Министерство за култура)

    „Александар Поповски направил мајсторска претстава“, „феноменална“, „прецизна“, се дел од коментарите на македонската публика за хрватската претстава на македонскиот режисер „Крал Рикард Трети“, продукција на театарот „Гавела“ од Загреб, која синоќа се изведе во преполн салон на Македонскиот народен театар (МНТ) во склоп на Скопско лето. Актерите на чело со маестралниот Озрен Грабариќ добија долги овации и извици „браво“ за луцидната игра на Рикард Трети, најполитичката историска драма на Шекспир, за која режисерот вели дека е современ политички трилер.

    „Ричард Трети“ не е историска претстава за најозлогласениот британски крал, туку е современа постановка за сите бескрупулозни кралици, војводи, лордови, за тоа како моќта и власта влијае на егото и ги претвора во ѕверови. Претставата има мошне визуелно ефектен и моќен крај. Сите актери седнаа на сцената и удираа ритмички на тапани, додека кралот, премачкан со крв си играше на средината од сценографијата со масивната круна, доловувајќи ја борбата со совеста.

    Покрај Поповски, кој стои и зад сценографијата, македонски автор во екипата е и композиторот Марјан Неќак, чија одлична музика го пакува филмски визуелниот изглед на целата претстава, со завесата, проекциите на содржината, скалите и чадот, како и костимите на Мартина Ќопо.

    Во претставата играат уште 14 актери – Андреј Дојкиќ, Свен Шестак, Мартина Чвек, Дијана Видушин, Свен Медвешек, Живко Аночиќ, Бојана Грегориќ-Вејзовиќ, Хрвоје Клобучар, Славица Кнежевиќ, Никола Баќе, Иван Грчиќ, Ѓорѓе Кукуљица, Филип Шоваговиќ и Аница Ковачевиќ.

    „Рикард Трети“ утревечер игра на „Битола Шекспир фестивалот“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира