СВЕТЛО-МАЈСТОРОТ ПЕТАР БОГОЕВСКИ Е ГОДИНАШЕН ДОБИТНИК НА ЗЛАТEН ОБЈЕКТИВ ОД КИНОТЕКАТА

    СВЕТЛО-МАЈСТОРОТ ПЕТАР БОГОЕВСКИ Е ГОДИНАШЕН ДОБИТНИК НА ЗЛАТEН ОБЈЕКТИВ ОД КИНОТЕКАТАБогоевски работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески. / Сцена од „Балканкан“ на Митревски. (Фото: Кинотека/ИМДБ)

    Светло-мајсторот Петар Богоевски, кој со својот децениски ангажман работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани придонел во визуелизацијата на режисерските замисли, е годинашен добитник на наградата Златен објектив, соопшти Кинотеката.

    Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Свеченото доделување ќе се одржи на 29 април, во 12 часот во Кинотеката.

    Богоевски (73) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.

    Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира