ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ОТВОРА СО ХОЛАНДСКИ ТАНЧАРИ НА 4 АПРИЛ, ЌЕ ИМА ВКУПНО 19 ПРЕТСТАВИ

    ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ОТВОРА СО ХОЛАНДСКИ ТАНЧАРИ НА 4 АПРИЛ, ЌЕ ИМА ВКУПНО 19 ПРЕТСТАВИФестивалот почнува на 4 април со претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам. (Фото: Танц фест Скопје)

    Деветнаесет претстави од Македонија, Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и Кина ќе се изведат на Танц фест Скопје. Фестивалот почнува на 4 април во Македонскиот народен театар  (МНТ) со претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу Холандија и земјава.

    Фестивалот во соработка со амбасадата на САД во Скопје на 12 април на сцената на МНТ ќе ја претстави американската „Далас Блек танцовата компанија“. Во склоп на оваа соработка, како што најавува организаторот, во Интерарт културниот центар ќе биде одржан и проектот „Танц комуникации“, работилници за млади танчери, кои ќе подготват кратка кореографија под менторство на танчерите и професорите од САД и Скопје танцовиот театар, а ќе ја изведат на 12 април на сцената на МНТ, пред настапот на компанијата од САД.

    На сцената на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе бидат претставени современи кореографии на Јакуб Черулик од Словачка, Сандра Махвама од Романија, Гилда Цесарио од Италија, „А приори“ компанијата од Грција.

    Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски, на 28 април на Малата сцена на НОБ и „КОД #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе се изведе на 24 април во Кино Фросина во МКЦ. Скопје танцовиот театар на 11 април во МНТ, ќе ги претстави новите продукции „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска и „Блокови“ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчерите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

    На 10 април во МКЦ ќе се изведе новата кореографија на Бобан Русески „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар. На 26 април на сцената на МНТ е најавена премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин „Леди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на Шекспир фринџ фестивалот во Верона, Италија.

    Програмата на Танц фест Скопје е поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“. Билетите за сите настани се продаваат на билетарите на театрите каде се одржува програмата, во МНТ, МКЦ и НОБ. Годинашното мото е „Танцувајќи создаваме иднина“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира