ТОЈ БЕШЕ РЕВОЛУЦИЈАТА КОЈА НИ ТРЕБАШЕ, КАЖА РЕЖИСЕРОТ СИНИША ЕВТИМОВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА МИРКО ПОПОВ

    ТОЈ БЕШЕ РЕВОЛУЦИЈАТА КОЈА НИ ТРЕБАШЕ, КАЖА РЕЖИСЕРОТ СИНИША ЕВТИМОВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА МИРКО ПОПОВМора да бидеме достоинствени, Мирко секогаш сакаше да стоиме над ситуацијата, кажа Евтимов, кој ја водеше комеморацијата (Фото: К. Попов)

    Со комбинација од музика, емотивни присетувања и аплаузи, во присуство на семејството, пријатели, почитувачи, урбани ликови и министри, Скопје го испрати Мирко Попов на комеморацијата во малата сала на Филхармонијата. Еден од пионерите на електронската сцена во Македонија и вистински двигател на урбаниот и културниот живот на земјата почина на 24 март на 51 година, откако го посвети целиот свој живот на борбата за подобро утре на младите.

    Режисерот Синиша Евтимов, негов долгогодишен музички соработник и пријател, го опиша Попов како револуција која ѝ требаше на Македонија, но исто така тој беше ставен во редот на македонските културни великани Кочо Рацин, Никола Мартиноски, Ацо Шопов, Славко Јаневски и Драган Ѓаконовски-Шпато, кои нѐ потсетуваат на нашиот културен идентитет и нашето културно наследство.

    Мора да бидеме достоинствени, Мирко секогаш сакаше да стоиме над ситуацијата и да се обидеме да ја истераме работата докрај“, кажа Евтимов и потсети на музичките почетоци на Попов.

    Во живо настапија џезерите Владан и Павел Дробицки (Фото: К. Попов)

    Попов го добил првиот диџеј ангажман во 1992, а следната година стана дел од музичкото радио „Канал 103“, чиј главен уредник беше од 2008 со 2010. Во 1990-тите беше во епицентарот на македонската техно културна револуција и го стави Скопје на мапата на ова современо движење точно во моментот кога се случуваше. Во таа насока е и формирањето на „ПМГ колектив“, водечката авангардна сила на скопските улици. Во 1998 ја формираше „ПМГ рекордингс“, која стана водечка независна дискографска куќа во земјава со над 300 изданија, Во 2017 почна со продукција и издавање на македонска музика на винил, вкупно 13 досега, а следен таков проект е плочата „Распеани валандовчани“ со стари македонски песни од тој крај, со која Попов сакаше да му оддаде почит на своето семејно потекло од Валандово.

    Писателката Билјана Црвенковска кажа дека со Попов ја врзуваат 37 години другарство и огромна љубов и додаде дека тој имал силно влијание врз она што е денес.

    Музичарот Александар Гавровски-Гачо го опиша Попов како негов друг постар брат (Фото: К. Попов)

    Ова што го правеше за младите, за музиката и културата е само дел од една поголема слика за целосно менување на условите во кои што живееме. Тој беше голем оптимист, никогаш не се откажуваше и предаваше, се бореше и инсистираше да не се откажуваме, да не стануваме конформисти, да не легнуваме на брашното, да не си ги пакуваме куферите и да си одиме. Зошто да го направиме тоа? Ние кои се занимаваме со уметност знаеме дека уметност најдобро се твори и создава таму каде што си роден. Да, нашата генерација го имаше Мирко, но нашата генерација не е таа која го направи пресвртот што требаше да се случи. Врз основа на наследството на Мирко Попов, верувам дека таа генерација ќе дојде. Можеби тоа ќе биде генерацијата на неговата ќерка Лајка, можеби ќе чекаме до генерацијата на син му Артур, но верувам дека ќе дојде и ќе го направи тоа што тој го сакаше“, рече Црвенковска.

    Комеморацијата заврши со неколкуминутен аплауз (Фото: К. Попов)

    Музичарот Александар Гавровски-Гачо, кој е дел од бендот „ПМГ колектив“, го опиша Попов како негов друг постар брат.

    „Беше ист како брат ми, но со многу повеќе улица во себе и со фанатички пристап кон музиката. За мене, тотална победа и пеколна комбинација. Со нив двајца во мојот живот, јас бев најсреќниот помал брат на светот. Но, Мирко беше постар брат на сите музички талентирани клинци или неталентирани музички фанатици како мене кои се шуњаат низ град. Отвора врата кај него дома и ти вика: ‘Копиљ, сѐ што имам јас, имаш и ти‘. Мнозинството не беше свесно за оваа негова топла човечка страна. Најмногу беше познат како диџеј, но и како куратор на светскиот крем на електронската денс сцена, Мирко беше и политичко битие, човек кој дава мислење за ова и она. Беше игнориран како автор од мнозинството и од критичката маса, која не беше свесна дека покрај ‘Скопјанка‘ и ‘Манекенки‘ тој напишал над 100 други композиции за ‘ПМГ колектив‘, ‘Кантон6‘, ‘Македониде кру‘ и ‘Мирко Попов квартет‘. Но, како издавач не можевте да го игнорирате каталогот на ‘ПМГ рекордингс‘. Ќе им недостасува на Скопје и Македонија неговата неуморна потрага по нови талентирани деца на кои ќе им ги отвори вратите и ќе им каже: ‘Еве, копиљ, сѐ што имам јас, имаш и ти‘“, кажа Гавровски.

    Љупа Ангелов свиреше гитара на песната на „ПМГ колектив“, „After Hours“ (Фото: К. Попов)

    Пораки во чест на Попов испратија и легендарните британски диџеи Тери Френсис, Дејв Мадерсол и Ивл Еди Ричардс, Лале Хепи Пипл од Србија и Стивен Малиндер од „Кабаре Волтер“, а хрватската група „Ниплпипл“ испрати изведба на песната „Somewhere Over the Rainbow“, која ги трогна сите присутни.

    Во живо настапија џезерите Владан и Павел Дробицки, а комеморацијата беше затворена со песната на „ПМГ колектив“, „After Hours“, со Љупа Ангелов на гитара.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира