ЦЕНТРАЛНАТА ПОШТА СЀ УШТЕ НЕМА ПОКРИВ, А УШТЕ ОД 2021 Е НА ЛИСТАТА 7 НАЈЗАГРОЗЕНИ СПОМЕНИЦИ ВО ЕВРОПА, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР

    ЦЕНТРАЛНАТА ПОШТА СЀ УШТЕ НЕМА ПОКРИВ, А УШТЕ ОД 2021 Е НА ЛИСТАТА 7 НАЈЗАГРОЗЕНИ СПОМЕНИЦИ ВО ЕВРОПА, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИРАмбасадорот Гир со наградените учесници на конкурсот „Скопје на новата генерација“. (Фото: К. Попов)

    Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера, како и честопати досега, апелираше до македонските политичари и институции да не дозволат да пропадне зградата на Централната пошта во Скопје. Во 2021, зградата на Централната пошта во Скопје се најде на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Уште тогаш тие објавија дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување.

    „Денес стоиме овде во Пошта, веројатно најзначајниот пример на бруталистичка уметност, естетика што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје. Да се потсетиме на културното наследство што треба да се заштити и негува. Денес, Пошта сè уште нема покрив и сѐ поголем е ризикот повеќе да не се користи и да се распадне. Сепак, Пошта, да ги употребиме зборовите на Сартр, не прифаќа пораз! Ниту ние. Решивме да го одбележиме четвртиот роденден на Европска куќа во Скопје  токму тука. На Денот на ослободувањето на Скопје“, рече амбасадорот Гир, потсетувајќи ги гостите на листата на Европа Ностра и Европската инвестициска банка.

    На 4. роденден на Европска куќа говореше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која не искоментира ништо за неговите забелешки, туку се заблагодари на амбасадорот Гир и кажа дека „Оваа значајна пригода, на Европска куќа од културен карактер успеа да ги зближи историјата и иднината, со креативноста на студентите по архитектура“.

    Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК на 27 јули објави дека европските тела ги повикуваат македонските институции да конкурираат за грант за почеток на процесот. Но, и тогаш рекоа дека апликација за грант сѐ уште не е стигната.

    Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени. (Фото: К. Попов)

    Европската куќа Скопје ја одбележа годишнината со изложба и доделување награди за конкурсот за архитектонски и урбанистички дизајн „Скопје на новата генерација“.

    На натпреварот пристигнаа 12 пријави од 24 млади архитекти, а секој од нив претстави планови за обнова на различни локации во градот. Првата награда ја доби „Лотос за неа“ на Антонио Грујевски за фонтаната „Лотос“ во Градски парк Скопје. Втората награда ја добија Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова за „Реимагинирање на боените бранови“ за кејот Димитар Влахов покрај реката Вардар. Третата награда им припадна на Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска за нивниот проект „СпајнХ“  наменет за ревитализација на улицата Пластичарска.

    Конкурсот „Скопје на новата генерација“ го оценуваше жири од 5 члена од сите пет архитектонски факултети во Скопје, (Меѓународен Балкански универзитет, Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), Универзитетот МИТ, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

    „Главната цел на конкурсот е да инспирира иновативни идеи за архитектонски и урбан дизајн што би го зајакнале чувството на заедница во јавните простори на делови од градот врежани во колективната меморија на Скопје, младите архитекти до 35-годишна возраст требаше да се фокусираат на повторно осмислување и/или преуредување на овие делови од градот, со цел да се создаде одржлива и инклузивна средина“,  рече проф. д-р Бојан Карнаков, во име на жирито.

    Изложбата во Централна пошта ќе биде отворена за јавноста во наредните три дена, од вторник до четврток, од 12 до 15 часот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира