УНЕСКО ЈА ЗАШТИТИ ГАЈДАТА КАКО НЕМАТЕРИЈАЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА ЧОВЕШТВОТО

    УНЕСКО ЈА ЗАШТИТИ ГАЈДАТА КАКО НЕМАТЕРИЈАЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА ЧОВЕШТВОТОСо годинашната сесија на Комитетот претседава Ненси Овелар де Горостиага, амбасадор и постојан делегат на Парагвај во УНЕСКО, и на неа учествуваат претставници од земјите членки, невладини организации, културни институции и други учесници од целиот свет. (Фото: Министерство за култура)

    Културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ од денеска е впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, соопшти Министерството за култура. Мултинационалната номинација, поднесена од Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на денешната сесија на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, што се одржува во Асунсион, Парагвај.

    Македонија после 7 години впишува уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО, со што вкупниот број на впишани заштитени добра од нашата држава е 6, од кои веќе 2 заеднички со Турција.

    Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од Управата за заштита на културното наследство и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, и експерти од Министерството за култура и туризам на Турција.

    Македонија за првпат стана дел од државите со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 со впишувањето на „Чет’рсе – празнувања на Светите Четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 ), заедничката апликација на  Македонија и Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија „Културни практики поврзани со 1 Март“ (2017) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 ) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита.

    На сесијата присуствува Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и  Ивона Опетческа-Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра и национално контакт-лице за Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира