ВЕЧЕРВА СЕ ДОДЕЛУВААТ ОСКАРИ ПО 96. ПАТ, СЕ ОЧЕКУВА ГОЛЕМ ТРИУМФ НА „ОПЕНХАЈМЕР“

    ВЕЧЕРВА СЕ ДОДЕЛУВААТ ОСКАРИ ПО 96. ПАТ, СЕ ОЧЕКУВА ГОЛЕМ ТРИУМФ НА „ОПЕНХАЈМЕР“„Опенхајмер“ е номиниран во 13 категории (Фото: АП)

    Кога Холивуд ќе се собере вечерва на 96. доделување на Оскари многумина предвидуваат дека блокбастерот „Опенхајмер“ ќе ја растури конкуренцијата. Не само затоа што има најмногу номинации – 13, туку и зашто доминираше во досегашната сезона на награди. Оскарот за најдобар филм и за најдобра режија речиси сигурно завршуваат во рацете на Кристофер Нолан, сметаат аналитичарите.

    Церемонијата во театарот „Долби“ во Лос Анџелес ќе почне еден час порано од досега, а водител ќе биде Џими Кимел. Меѓу презентерите се најавени Ал Пачино, Џенифер Лоренс, Стивен Спилберг, Двејн Џонсон, Метју Меконахи, Николас Кејџ…

    2023 беше голема година за филмската индустрија, ја обележа дуелот на „Опенхајмер“ и „Барби“, кои ги вратија луѓето во кината, но и штрајкот на актерите и сценаристите. Поради војните во Украина и Газа („20 дена во Мариупол“ е фаворит за најдобар долгометражен документарен филм) и годинашните претседателски избори во САД политиката веројатно ќе биде неизбежна тема вечерва.

    Во актерските категории сезонава се прогласуваа главно истите имиња, но Пол Џамати би можел да го предизвика Килијан Марфи за најдобар актер, а Ема Стоун и Лили Гледстоун се рамноправни конкурентки за Оскарот за најдобра актерка. Гледстоун би можела да испише историја како првата актерка со домородно потекло која добила Оскар.

    Првпат досега, два филма од неанглиско говорно подрачје се номинирани за Оскар за најдобар филм – „Анатомија на падот“ и „Зоната на интерес“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира