ВЕСНА МИТЕВСКА Е ПРВАТА ДИРЕКТОРКА НА „ТАНЕЦ“ ЗА 75 ГОДИНИ

    ВЕСНА МИТЕВСКА Е ПРВАТА ДИРЕКТОРКА НА „ТАНЕЦ“ ЗА 75 ГОДИНИМитевска е вработена во „Танец“ од 2006, досега беше на позицијата истакнат играч од прв ред-солист. (Фото: Танец)

    Весна Митевска е нова в. д. директорка на Националната установа (НУ) Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, и е првата жена на оваа функција во 75-годишната историја на прочуениот ансамбл. Од „Танец“ соопштија дека Митевска е назначена денеска од министерот за култура Зоран Љутков, по личното барање за разрешување на досегашниот директор Мартин Вучиќ, кој беше на функцијата од 2018.

    Митевска (38) е вработена во „Танец“ од 2006, досега беше на позицијата истакнат играч од прв ред-солист со бројни настапи низ земјава и светот. Таа е матурантка на првата генерација образовани фолклорни играчи/пејачи во 2001 во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј‟, каде во 2001 за прв пат во балетскиот оддел е отворена Насоката за традиционална музика и игра. По студиите на Одделот за Етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 Митевска се запишува на Факултетот за музичка уметност, на специјализираните студии по етнокореологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде добива звање дипломиран етнокореолог.

    Во моментов е на магистерски студии на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ на УКИМ, на модулот Етнологија и антропологија на културното наследство. Работи и на својата прва книга, монографијата за фолклорната група од селото Петровец, местото каде што долги години и живее.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира