ВИНИЧКОТО КАЛЕ СЕ КОНЗЕРВИРА ПО ПОВЕЌЕГОДИШНА ПАУЗА И ВАНДАЛСКО УНИШТУВАЊЕ

    ВИНИЧКОТО КАЛЕ СЕ КОНЗЕРВИРА ПО ПОВЕЌЕГОДИШНА ПАУЗА И ВАНДАЛСКО УНИШТУВАЊЕОвој локалитет е познат по теракотните икони, кои се најизвезуваното културно наследство од Македонија на меѓународни изложби во светот. (Фото: Музеј „Теракота“)

    По долгогодишна пауза, месецов започна да се работи на конзервација на одредени делови на тврдината Виничко Кале, велат од Музејот „Теракота“ во Виница. Приоритет е конзервацијата на североисточниот бедем, односно се работи во продолжение на конзервираниот ѕид од 2000-та година.

    Конзервацијата е со пари од Министерството за култура, а надлежен е Националниот конзерваторски центар, во координација со Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница и Општината. Тие, како што ни рече Јулијана Иванова, виш кустос во Музејот во Виница, вршат увид на состојбата со локалитетот и даваат насоки за понатамошно дејствување.

    Овој локалитет е познат по теракотните икони, кои се најизвезуваното културно наследство од Македонија и Општина Виница на меѓународните изложби во светот.

    Теракотните икони се најексклузивниот археолошки наод од локалитетот и биле пронајдени на различни локации на Калето, но најголемата група на керамички плочи се пронајдени во близина на кулата на источниот раб. На овие икони се прикажани  се претежно старозаветни сцени.

    Меѓу позначајните изложбина теракотните икони во светските галерии и музеи се Ватикан (1986), Загреб (1987), Москва (1989), Љубљана (1989), Белград (САНУ-1991), Минхен (1993), Рим(1995), Варшава (1996), Анкара (1997), Париз (1999), Софија (2005) и Утрехт (2011). Последното меѓународно претставување со оригинални примероци е изложбата во музејот Ашмолијан во Оксфорд (2017-2018).

    Пред пандемијата посетеноста на музејот се движела од 2.000 до 3.000 посетители на годишно ниво. Поради рестрикциите во коронакризата, Музејот овозможил виртуелни прошетки на Виничкото Кале.

    Терактона икона со Св.Кристофер и Св. Ѓорѓи. (Фото: Музеј „Теракота“)

    На почетокот на 2020 актуелно беше уништувањето од локални вандали на некои од конзервираните објекти од северниот дел на тврдината. По реакција на музејот „Теракота“, подготвен е проект за санација од страна на Националниот конзерваторски центар. Проектот моментално е доставен за стручна контрола и се планира да се аплицира за финансирање од Министерството  во наредниот период.

    Теракотна икона со Константинов крст. (Фото: Музеј „Теракота“)Периодов се договара уште една меѓународна изложба во Кордоба, Шпанија за 2022-2023 година.

    Р. ПЕНЧОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира