Владата на седницата на 17 декември ја именуваше Вероника Бучковска за в. д. директорка на Агенцијата за филм, на местото на Даниела Станковска-Плачковска, која неодамна поднесе оставка од функцијата, соопшти Агенцијата.
Бучковска е дел од Секторот за филмска дејност и меѓународна соработка во Агенцијата од 2011, задолжена за промоција на македонската филмска продукција на локално и меѓународно ниво како и за следење на реализацијата на филмските фестивали.
Од Агенцијата велат дека има долгогодишно работно искуство во организирање и учество на настани од различни формати, со национален и меѓународен карактер како меѓународни конференции и фестивали, еднодневни обуки/работилници како Џифони, Генерално собрание на Одборот на директори на Еуиримаж, фестивалски и индустриски програми со фокус на македонската и регионалната филмска продукција во рамки на бројни филмски фестивали, и голем број настани ориентирани кон младата публика и иницијативи за филмско образование.
Бучковска е национална претставничка во Европската аудиовизуелна опсерваторија (European Audiovisual Observatory) и мрежата Европска филмска промоција (European Film Promotion), меѓудругото и членка на Мрежата на Европски филмски комисии.