ВЛАДИМИР ТЕМКОВ СЛАВИ 40 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО СО ИЗЛОЖБА ВО ЧИФТЕ АМАМ

    ВЛАДИМИР ТЕМКОВ СЛАВИ 40 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО СО ИЗЛОЖБА ВО ЧИФТЕ АМАМЕдно од изложените дела, „Премин преку река“, 2021, масло на лесонит, 50х50 см. (Фото: НГМ)

    Ретроспективна изложба за 40-годишниот опус на уметникот Владимир Темков ќе се отвори вечерв во 20 часот во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ).

    Темков е присутен на македонската и тогашната југословенска ликовна сцена од 1980 година, и годинава слави јубилејни 40 години од неговата прва самостојна изложба. Од тој период, па до денес, учествува на изложби во Македонија и тогашна СФРЈ, како и на многу меѓународни изложби, колонии, симпозиуми.

    „Со текот на годините тој ги фиксира своите визуелни потраги. Создава сопствена тематска матрица со заеднички обележја и компонирање на елементите во линеарни и хроматски решенија, со кои достигнува занимливо рамниште на експресивност. Иако работи на повеќе тематски и концепциски циклуси, евидентно е проткајувањето на веќе утврден ликовен модус во сите циклуси и негово постојано испреплетување.

    Основното тежнеење на Темков е да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух, со слободни и моќни потези, а во исто време кротко и контемплативно, пренесувајќи повеќезначни мисловни пораки“, велат од Галеријата.

    Роден е во Кавадарци во 1959, потекнува од работничко семејство. Основно образование завршува во ОУ ,,Страшо Пинџур“ во Кавадарци. Средно уметничко училиште и Педагошка академија завршува во Скопје во класата на професор Ванчо Георгиевски, а факултет за ликовни уметности отсек графика дипломира во класата на проф. д-р. Трајче Блажевски. Магистерски студии, отсек сликарство завршува на Факултет за ликовни уметности, Скопје во класата на проф. Благоја Маневски.

    Претседател на Друштво на Ликовни уметници на Кавадарци, како и подпретседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност. Има учествувано на голем број ликовни колонии, симпозиуми, семинари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира