Режисерот Александар Поповски последен пат работеше претстава во Македонскиот народен театар (МНТ) во 2012 и вели дека е во преговори со директорот Никола Кимовски за нов проект. На денешната прес-конференција за гостувањето на Словенско народно гледалишче (СНГ) од Марибор на 1 април со претставата „Амадеус“ на Поповски, Кимовски рече дека „Животот на Молиер“ на Поповски е единствената претстава од Театар Центар која е преселена во новиот објект на МНТ.
„Со Кимовски нѐ врзува убава работа од порано и доста долго се познаваме. Тој разговор е започнат и јас сакам да работам овде. Навистина поминало доста време, дојдена е и цела нова генерација на актери. Скопје и Македонија е некој нов простор. Доста се напатував, доста различни работи видов и едноставно ме фаќа некаква и желба и потреба да поставам на сцена тука. Малку зборуваме за тоа, да речеме наслов на некоја тема за којашто би сакал да зборувам е носталгија, па ќе видиме што ќе биде од тоа. Во преговори сме, дефинитивно“, одговори Поповски на новинарско прашање за тоа кога пак ќе режира во МНТ.
Поповски е еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера, со над 70 театарски претстави низ Европа, вклучувајќи ја Словенија, Италија, Грција, Австрија, Турција, Шведска, Данска, Англија и Германија.
Поповски е уметнички директор во Мариборската драма веќе осум години, тоа му е втор мандат од по пет години. Вели дека тоа за него било еден голем предизвик, затоа што цел живот бил слободен уметник.
„И кога дојдов таму, требаше да го научам тој многу голем систем. А Мариборскиот театар е составен и од опера, од балет и од драма, плус и фестивалот, да речеме како што е кај нас ‘Војдан Чернодрински’. Значи, тоа е огромно и кога дојдов таму, јас како што бев научен само по свое, сфатив дека не може баш така да биде и дека постојат законитости на таа куќа. Е сега, она што е добро е што Данило Роскер е директор во тој театар 25 години. Е сега, за да некој ги држи сите тие животни од циркусот: од опера, од балет, од оркестар, од техника, треба стварно да биде човек којшто има и сила и моќ, а и благост и добрина. Така Данило, фала богу, ги има сите елементи за да може да ги води, затоа што ние, Секој сака да влече на некоја своја страна.
Сите имаме подеднаква вредност. Да речеме, нашата опера е нешто што Љубљана ја нема – го нема квалитетот на нашата опера. Многу луѓе од Австрија, од Грац, доаѓаат да ги гледаат нашите оперски претстави. Балетот ни е па на светско ниво. Директорот на балетот Едвард Клуг е еден од водечките кореографи по цел свет, гостувањата на балетот се од Јапонија до не знам каде сè не. Значи, тоа е една повеќесложна организација од која што јас, се разбира, водам тој еден дел и имам и свои драматурзи со коишто го изработуваме концептот и планот. Она што се научив, а тоа е да планирам две-три години однапред, затоа што се сите термини, мораме да ги договориме однапред. Така што, беше некое ново искуство за мене. Ми требаше време да се навикнам на сето тоа и да го научам“, рече Поповски.
Б. НЕСТОРОСКА



