ВО ТЕШКИВЕ ВРЕМИЊА, ОПЕРАТА Е ПРОЗОРЕЦ КОН УБАВИНАТА, ВЕЛИ ПРИМАДОНАТА МИЛКА ЕФТИМОВА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ОПЕРАТА

    ВО ТЕШКИВЕ ВРЕМИЊА, ОПЕРАТА Е ПРОЗОРЕЦ КОН УБАВИНАТА, ВЕЛИ ПРИМАДОНАТА МИЛКА ЕФТИМОВА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ОПЕРАТА„Операта, едноставно, може да ја промени реалноста“, вели примадоната Ефтимова. - Од годинашните Мајски оперски вечери. (Фото: К. Попов)

    Во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното, вели оперската примадона Милка Ефтимова. Ефтимова (86) е призната оперска пејачка, првенка на Операта на Македонскиот народен театар, редовна професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште, концертна уметница со извонредно широк дијапазон на репертоарот и авторка на годинашната македонска порака за Светскиот ден на операта, 25 Октомври.

    „Операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов. Тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Посакувам во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допира до човековото срце и што подлабоко да продира во човековата душа“, вели Ефтимова.

    Коавторот и уредник на текстот за примадоната Ефтимова, Александар Трајковски, пишува дека таа е внука на македонскиот револуционер, комита и радовишки околиски војвода на Македонската Револуционерна Организација Петруш Поплазаров. Нејзината мајка Катерина е ќерка на војводата.

    Во мај 1961, како член и солист на Хорот на Словенечката филхармонија настапила во Виена под диригентство на Ловро фон Матачиќ, изведувајќи повеќе солистички делници. Матачиќ самоиницијативно работел со Милка врз партитурата на Кармен, толкувајќи низа музички и психолошки детали за овој лик. Непосредно по концертот во Виена тој ѝ понудил ангажман со операта „Кармен“ во Франкфурт, со убедување дека во кусо време и претстои блескава кариера. Бидејќи Милка била стипендист на скопската опера, во налет на чуства на одговорност и на инсистирање на Тодор Скалоски и на Петре Богданов-Кочко, есента во 1961  станала солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје.

    Ефтимова го запали фестивалскиот оган на годинашните Мајски оперски вечери. (Фото: К. Попов)

    На 15 декември 1961  за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“ заедно со Данка Фирфова како Леонора, Марио Ѓуранац како Манрико и Енцо Серини како Луна, диригент бил Александар Лековски. Салата била преполна, многу аплаузи и добила букет од Лазар Колишевски, тогашен претседател на Република Македонија.

    По „Трубадур“ настапува во „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Батерфлај“, „Орфеј и Евридика“. Во тој период таа многу учи од диригентот Фимчо Муратовски и Ладислав Перлдик, вонсериски оперски корепетитор и диригент.

    На втората фестивалска година од Охридското музичко лето настапила како солист во кантатата „Величание“ на Тодор Скаловски.
    Веќе во 1963, со диригентот Фимчо Муратовски подготвиле програма за натпревар на Вториот меѓународен конкурс во Софија каде ја добила третата награда од 117 кандидати од 26 држави. Претседател на жирито бил Тоти Дал Монте од Италија. Од Метрополитен операта од Њујорк Курт Адлер, односно вкупно 23 еминетни уметници, напишале за Милка – „најпрекрасниот глас и најшармантната певица“.

    За отворањето на новата монтажна зграда на МНТ во 1965, Милка реализирала една нова улога, која со текот на годините станала и нејзин симбол – Кармен во истоимената опера на Жорж Бизе.

    Во 1966  заминала на специјализација како стипендист на владата на Македонија во Италија, во Санта Чечилија во Рим. Италијанска влада ѝ доделила двомесечна стипендија за престој во Сиена, на Академијата Киџијана каде што продолжила да работи концертно пеење. Во септември 1966, весникот „Месаџеро“ напишал: „Милка Ефтимова, пејачка со убава боја на гласот што навистина одговара на мецосопранот, глас што толку многу се бара од нашите оперски куќи“.

    Од сите кандидати меѓу најдобрите биле Милка Ефтимова и една Американка. Добила награда за сценски настап. Таму биле три месеци како најдобри изведувачи. Ефтимова била избрана да учествува во серија настапи кои ја претставуваат академијата Санта Чечилија солистички, но и со оркестар. Римските рецензенти ја истакнале нејзината сензибилност, музикалноста, стилската диференцираност или силата на мецо вокалите. За кратко време имала 21 настап.

    Била ангажирана во тогашните Македонска дирекција и „Југоконцерт“. Имала настапи во Русија, трипати во Кина и многупати во Германија, Австрија и во Италија. За време 1960-те години додека се правела операта, отишла во Љубљана. Одлучила да ја прифати многупати упатуваната покана од Љубљанската опера и веќе од септември 1967  била првенка на оваа куќа. Таму била постојано на настапи. Во Љубљана направила многу улоги, дури од таму отишла во Сараево. „Кармен“ и „Трубадур“ многупати ги пеела. Најмногу во улога настапувала во Кармен и во Колашчина тука со Орфеј, а надвор во светот со „Кармен“ и со „Трубадур“.
    Од оперската сцена јубилејно се прости со Кармен на 6 ноември 1991 . Тоа и било 157 претстава.

    Во Љубљана реализирала 17 премиерни улоги. Најзначајните пред сè биле Кармен (премиера во 1968 година која рецензијата ја нарекла победа и слава на Ефтимова), потоа Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, Кабаниха во „Катја Кабанова“ на Леош Јаначек, Арлента во „Крунисувањето на Помпеја“ на Клаудио Монтеверди, Хата во комедијата „Продадена невеста“ на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата „Еквинокциј“ на Марјан Козина. Своевиден примат остварила со Марфа во „Хованшчина“ на Модест Мусоргски.

    Од Љубљана се вратила во 1978 во Скопје како првенка на Операта при МНТ. Настапувала во низа обновени премиери од железниот репертоар како „Трубадур“, „Кармен“, „Бал под маски“, „Евгениј Онегин“, „Кавалерија Рустикана“, „Кнез Игор“ и „Фауст“. Реализирала антологиски премиерни улоги како што е Марчелина во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт и Неда во „Кузман Капидан“ од Трајко Прокопиев.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира