Во присуство на голем број гости, архитекти од сите генерации, претставници од јавниот живот, синоќа во исклучително пријатна атмосфера во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје беше доделена наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ на архитектката Билјана Филиповска.
Наградата ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Лауреатот Филиповска им се заблагодари на Асоцијацијата и на сите колеги со кои работела во „Пелагонија“, „Македонија проект“, а потоа во „Студио 2000“. Таа проговори, како што рече, за нејзините емотивни врски со некои од проектите што ја одбележале нејзината кариера.
Филиповска била дел од млада група жени архитекти кои добиле задача архитектонски да ги решат придружните елементи околу Езерото Треска.
„Имав чувство на восхит кога ја видов локацијата и стрмнините на Матка. Почувствував страв како да му се пријде на тој простор. За среќа. Добивме Борбина награда за решението, а во една од критиките која ми е најомилена, проектот беше оценет како мајчински приод кон природата. Тоа беше најважно за тој проект. Да се сочува природниот амбиент.”
Потоа Филиповска се наврати на нејзините проекти како млад архитект на поштата во Неготино, и онаа во Штип која ја работела со колешката Ружа Јовановиќ. Таа вели дека е горда на овие објекти што пркосат на времето и се дел од урбаната архитектура на овие градови.
За нејзиното учество на објектот на Олимпискиот базен, Филиповска сподели дека се работи за големо искуство што го стекнала со архитектите од Македонија, но и со патувањата во странство за подготовка на проектот.
„Тоа беше првиот изграден базен во Македонија, па уште и Олимписки. Горда сум што до крајот на изведбата на базенот бев вклучена во процесот и што студенти од тогашна Југославија доаѓаа во посета да учат како треба да се сработи ваков спорски објект. Олимпискиот базен има и посебно значење за планирањето на градот зашто е дел од визијата на Кензо Танге и тој е поставен на платформа која со пасарели требаше да е поврзан со Градскиот трговски центар и со Транспортниот центар. За жал, такви просторни планирања на градот веќе нема“, објасни Филиповска.
Големиот број присутни млади архитекти, Филиповска ги охрабри да ги следат конкурсите зашто и самата својата афирмација ја здобила преку конкурси и додаде: „Конкурсите даваат слобода, тие се миг кога може да се создава без никакви граници. Ја повикувам Асоцијата да ја врати институцијата Конкурс. Да се уништат тендерите. Да се бориме за идеи, за напредок во архитектурата, да се бориме за градот.”
На свеченоста на доделувањето на наградата Андреја Дамјанов говореа и Мартин Пановски, претседател на ААМ, почесниот член на Асоцијацијата Трифун Костовски, архитектот Радован Раѓеновиќ, претседател на комисијата за доделување на награда и лански добитник на наградата и в.д. директорката на Музејот на современа уметност Мира Гаќина.
Архитектонската изложба на лауреатот на наградата Андреја Дамјанов е поставена и отворена за јавноста во МСУ.