Архитектот Здравко Рафаиловски, автор на објекти како зградата „Мавровка“ во Скопје и кулите во скопската населба Ново Лисиче, е добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов” за 2023, соопшти Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Наградата е признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството во Македонија. Наградата свечено ќе му биде доделена утре (22 февруари) во Галеријата на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), а ќе биде отворена и ретроспективна изложба на овој еминентен архитект.
Рафаиловски дипломирал во 1975 и веднаш почнал да работи во оперативата на Градежното претпријатие „Гранит” од Неготино и накусо потоа преминува во Градежното претпријатие „Маврово”, како вработен во проектантското биро „Мавровопроект”. Таму, како што велат од ААМ, ја започнува долгогодишната проектантска работа и кариера и става потпис на голем број објекти.
„Личниот професионален пат го започнува како проектант-соработник, а кон крајот на 1970-тите и сѐ до средината на 1980-тите години професионално соработува со архитект Донка Петкова-Костиќ. Оперативно продолжува да работи како главен проектант и проектира станбени, комерцијални и деловни објекти, кои се издвојуваат во неговиот работен опус. Преку матичното проектантско биро ‘Мавровопроект’, архитект Рафаиловски е ангажиран за проектирање и изведба на објекти во многу градови на поранешна Југославија, но и на тогаш популарните дестинации Либија и Советскиот Сојуз. Со акумулираното работно искуство, именуван е за технички директор на ‘Мавровопроект’ (подоцна преименувано во ‘Прима инженеринг’) и од оваа позиција, раководи со техничката документација за многу значајни објекти, сѐ до завршување на професионалната кариера во 2015“, велат од Асоцијацијата.
За комерцијално-деловната зграда „Мавровка“, од Асоцијацијата велат дека е пиедестал во неговиот архитектонски опус, а со тој проект во 1993 станал добитник на престижната награда на Асоцијацијата на архитекти, Гран-при на Биеналето на македонска архитектура-БИМАС.
Активен член е на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а членува и во Комората на овластени архитекти и инженери, од самото нејзино основање.
Со добивањете на наградата „Андреја Дамјанов” за 2023, Рафаиловски станува член на Академијата на архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ.