ЖИВЕАМ ВО ДАНСКА, НО СЕКОЈ ДЕН СЕ БУДАМ КАКО АНГЛИЧАНЕЦ, ВЕЛИ ЕНТОНИ ДОД МЕНТЛ, НОВИОТ ЧЛЕН НА КЛУБОТ НА ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ЖИВЕАМ ВО ДАНСКА, НО СЕКОЈ ДЕН СЕ БУДАМ КАКО АНГЛИЧАНЕЦ, ВЕЛИ ЕНТОНИ ДОД МЕНТЛ, НОВИОТ ЧЛЕН НА КЛУБОТ НА ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“Дод Ментл важи за еден од творците на данскиот филмски стил догме

    Двократниот освојувач на Златна камера 300, британско-данскиот оскаровец Ентони Дод Ментл, влегува во Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“. На претстојното 43. издание, кое почнува в сабота, Дод Ментл ќе ја прими наградата за животно дело, 13 години откако ја доби Специјалната златна камера 300. Меѓу двете награди, опусот на Дод Ментл беше збогатен со уште десетици филмови и ТВ-серии.

    Иако живее во Данска, Ентони Дод Ментл вели дека секој ден се буди чувствувајќи се како Британец/Англичанец. Од 1985 до 1989 студирал камера на Националната филмска школа во Копенхаген, кога и почнал да живее во Данска.

    Веднаш по студиите ја започнал соработката со неколкумина дански режисери, носители на новиот дански филмски бран, при што најзначаен му е догме периодот, станувајќи еден од творците на тој оригинален дански филмски израз/тренд. Во 1998 го сними официјално првиот догме филм, „Семејна прослава“, кој на режисерот Томас Винтерберг му донесе светска слава.

    За Дод Ментл беше неизбежна соработката со главниот иницијатор и основач на догме движењето, Ларс фон Трир, што се реализираше преку „Кучешки град“ oд 2003, „Мендерлеј“ oд 2005 и „Антихрист“. Соработуваше и со водечката данска режисерка Лоне Шерфиг на филмовите „Роденденскиот излет“ и „Баш како дома“.

    Со стекнатото искуство, Дод Ментл ја прошири соработката и надвор од догме кругот, па создаде неколку маркантни филма во неговиот опус, како „127 часа“, „Последниот крал на Шкотска“ и „Тие прво го убија татко ми“, што го режираше Анџелина Џоли.

    Триумфот на кариерата на Дод Ментл се случи во 2009, кога освои Оскар за „Сиромашниот милионер“, во режија на Дени Бојл, со кој таа година беше отворен 30. „Браќа Манаки“. Дод Ментл и Бојл максимално ефектно ги обединија своите креативни потенцијали во создавањето на „Сиромашниот милионер“, кој освои вкупно осум оскари, меѓу кои и за најдобар филм.
    Дод Ментл во една прилика изјави:

    „Работењето на ‘Сиромашниот милионер‘ беше физички напорно и ментално истоштувачки. Но, со другарство, доверба и разбирање вие можете да го преживеете тоа. Тоа помага ако имате континуирана врска каква што јас имав со Дени. По сè изгледа, светот искрено го засака филмот ‘Сиромашниот милионер‘. Индија ми е многу драга и среќен сум што имав удел во создавањето на филмот”.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира