„Танцот може да се сподели, но не може да се поседува; танцот може да се активира, но не е статус за парадирање“, вели короеграфот и танчар Александар Георгиев, автор на македонската порака за Меѓународниот ден на танцот 29 април. Организатори на дигитално одбележување на овој ден се Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.
Георгиев е танчер, кореограф, перформер кој живее и работи во Шведска, Бугарија и Македонија. Тој вели дека танцот е тука, и постојано е присутен.
Оваа порака, како што наведува, би ја дополнил со тоа дека треба да дозволиме танцот да ја добие својата автономија, своето застапување и својата независност, затоа што е тука и му треба континуирана еманципација.
„ Јас немам никакво право да зборувам во името на танцот, можам само да се залагам и да лобирам за моите перспективи во танцот. Мојата перцепција е дека танцот не треба и не може да се приватизира, бидејќи јас го гледам како индивидуално перципирана и преживеана, колективна практика“, вели Георгиев.
Авторка на светската порака по повод Меѓународниот ден на танцот е кинеската танчерка и кореограф Јанг Липинг. Таа нагласува дека животот не престанува, затоа и танцот не престанува.
„ Танчерите и кореографите треба да ги наслушнат многу внимателно радостите и тагите на светот, користејќи го танцот, за да го заокружат дијалогот со нашата природа, како и животот на природата кој трае подолго од илјадници години. Денес, нема да продолжам да ја споделувам само културата на танцот во светот, туку се надевам дека ќе успеам да ги поканам сите танчери на светот кој го љубат танцот и кои сакаат да ги изразат своите емоции низ танцот; да се вклучат танцувајќи со цел заедно да ги возљубиме и почитуваме небото и земјата. Животот не престанува, затоа и танцот не престанува“, порачува Јанг Липинг.
По повод Меѓународниот ден на танцот денеска во 14 часот во „Ист гејт мол“ ќе има танц перформанс од над 1.000 танчери од повеќе танц студија од земјава. Во 20 часот, во КСП Јадро ќе се изведе премиерна изведба на делото „Јас сум ти“ на Искра Шукарова и Тереза Лазарев.