Медиумскиот тајкун Руперт Мардок се ожени по петти пат на церемонија во неговото калифорниско лозје. 93-годишниот Мардок вчера се венчаше со Елена Жукова (67), пензиониран руски биолог. Се шпекулираше дека Мардок се забавува со Жукова набргу откако неговата свршувачка со поранешната полицајка Ен Лесли Смит беше ненадејно откажана во април 2023.
Мардок, роден во Австралија, кој има шест деца, е почесен претседател на „Њуз корпорејшн“, која ги поседува „Фокс њуз“, „Вол стрит џурнал“, „Сан“ и “Тајмс“. Тој минатата година се повлече од функцијата претседател на „Фокс“ и “Њуз корп“, а неговиот син Лахлан остана на чело на двете компании.
Се смета дека Мардок и Жукова се запознале на забава организирана од една од неговите поранешни сопруги, претприемачката родена во Кина, Венди Денг. Неговите други поранешни сопруги се австралиската стјуардеса Патриша Букер, новинарката родена во Шкотска Ана Ман, и американската моделка и актерка Џери Хол.
Жукова претходно беше во брак со рускиот нафтен милијардер Александар Жуков, додека нивната ќерка Даша беше во брак со рускиот олигарх Роман Абрамович до 2017.