Азија Арџенто, една од водечките фигури на #MeToo движењето, и самата е обвинета за сексуален напад врз малолетник. Италијанската актерка беше една од првите која јавно прозборе против моќниот холивудски продуцент Харви Вајнстин, но според правните документи што ги објави весникот „Њујорк тајмс“, таа му платила 380.000 долари на еден млад актер, кого наводно го нападнала во хотелска соба во Калифорнија во 2013 година.
Џими Бенет, кој глумеше син на Арџенто во еден филм од 2004 година, имал 17 години во времето на нападот, што е под законската граница за легален секс во Калифорнија. Во документите, Бенет вели дека тоа оставило трауми врз него и влијаело врз неговите ментално здравје и кариера. Според адвокатот на Арџенто, таа му платила на Бенет за да му помогне.
„Мојот клиент нема да коментира, но најмногу во рок од 24 часа ќе го даде својот одговор“, изјави адвокатот на Бенет.
Денеска Арџенто изјави дека наводите за сексуална злоупотреба се „апсолутна лага“ и дека со Бенет ја врзувало само пријателство.