Актерката Кристина Еплгејт мислела дека пет години живее со мултипла склероза (МС), сè додека неодамна не открила дека ѝ била поставена погрешна дијагноза. Таа изјави дека воопшто не била среќна поради оваа вест и дека заплакала кога дознала за тоа.
„Не е дека ќе добиете погрешна дијагноза, а потоа одеднаш, подобро ми е. Напротив, состојбата ми се влоши“, кажа Еплгејт во новата епизода од нејзиниот подкаст „Messy“.
Следната недела ќе започне испитување за да се утврди причината за нејзините исцрпувачки симптоми, со кои таа се соочува секојдневно.
„Повторно сум на почетокот и не знам што ми се случува“, рече таа.
Во подкастот, Еплгејт раскажа дека „ненадејно, пред неколку години“, нејзиниот лекар предложил да се прекине инфузиската терапија за мултипла склероза за да се види како ќе реагира нејзиното тело. За време на паузата од терапијата, телото не покажало реакции што би укажувале на тоа дека има МС.
Лекарите потоа подетално го разгледале нејзиниот случај и заклучиле дека таа, всушност, ја нема оваа автоимуна болест, која може да предизвика вкочанетост на мускулите и тешкотии при одењето и говорот.
Д-р Марва Кејси во подкастот изјави дека погрешните дијагнози за мултипла склероза не се ретки, бидејќи симптомите се променливи и не постои универзален тест за дијагностицирање.
„Едно од пет лица на кои им било кажано дека имаат МС, всушност, ја немале болеста. Не постои нешто како тест за бременост кој би дал јасен одговор. Станува збор за збир на критериуми“, рече таа.
На Еплгејт првпат ѝ била дијагностицирана МС во август 2021, откако претходно некое време чувствувала симптоми.



