Американски ТВ-проповедник побарал од своите следбеници да му помогнат да си купи нов приватен авион, затоа што „Исус не би патувал на магаре“.
Џеси Дуплантис откри дека Господ му кажал да купи „фалкон 7Екс“, кој чини 54 милиони долари. Тој вели дека во прв момент се двоумел околу ова, но Господ му се обратил со зборовите: „Јас не реков ти да го платиш, побарав да веруваш во тоа“.
Иако за проповедници во САД не е невообичаено да имаат приватен авион, барањето на Дуплантис предизвика големи контроверзи во тамошната јавност.
„Знаете дека претходно имав три авиони, но многу ги користев и ги прегорев во името на Господ Исус Христос. Знам дека некои мислат оти проповедници не би требало да имаат приватен авион. Јас верувам дека проповедници треба да патуваат наоколу и да ја шират божјата реч низ светот“, изјави 68-годишниот Дуплантис.
Тој кажа дека авионот што го купил пред 12 години веќе не е добар за неговата служба, затоа што трошоците за гориво се преголеми.
„Исус ми кажа да одам наоколу и да проповедам евангелие на секое суштество, но како можам да го правам тоа сега? Нема да живеам доволно долго за да патувам со автомобил, брод или воз, но би можел со авион“.