Републиканскиот конгресмен од Џорџија, Џејсон Спенсер, изјави дека ќе поднесе оставка, откако во новата серија на Саша Барон Коен го покажа задникот, зборуваше со исмевачки азиски акцент и употреби расистички збор, сето тоа во името на борбата против тероризмот.
Спенсер во прв момент одбиваше да даде оставка по епизодата на „Кој е Америка?“, емитувана во неделата, во којашто британскиот комичар лажно му се претстави како антитерористички експерт.
Тој беше навлечен од Коен да се појави на „антитерористички тренинг“, кога, меѓу другото, го покажа задникот за да исплаши терорист.
„Ако сакаш да победиш, мора да покажеш малку кожа. Терористите не сакаат да бидат допирани од други машки задници, затоа што се плашат од хомосексуалност“, му кажа прерушениот Коен на Спенсер.
Спенсер, исто така, го употреби зборот „црнчуга“ и имитираше кинески турист, ставајќи стап за селфи под облеката на личност со бурка, за да се увери дека не е терорист.
„Тоа беше ужасно грда епизода. Коен го злоупотреби мојот парализирачки страв дека моето семејство би можело да биде нападнато. Стравот кај мене беше толку голем, што не размислував јасно. Им се извинувам на сите за моето однесување“, изјави Спенсер.