БАТО САЛКО НЀ НАУЧИ ДЕКА НЕ СМЕЕМЕ ДА СЕ УМОРИМЕ ОД СЦЕНАТА, ВЕЛАТ ЗА КОЛЕГАТА САЛАЕТИН БИЛАЛ АКТЕРИТЕ ОД ТУРСКИ ТЕАТАР

    БАТО САЛКО НЀ НАУЧИ ДЕКА НЕ СМЕЕМЕ ДА СЕ УМОРИМЕ ОД СЦЕНАТА, ВЕЛАТ ЗА КОЛЕГАТА САЛАЕТИН БИЛАЛ АКТЕРИТЕ ОД ТУРСКИ ТЕАТАР„Кај Салко имаше таква срдечност и блискост со сите, каква што веќе денес нема во театарот“, се сеќаваат колегите од матичнииот Турски театар (Фото: Турски театар)

    „Не смееш да се умориш од сцената“  е еден од најдрагоцените совети кои актерите од Турскиот театар го добиле од големиот актер Салаетин Билал, кој почина денес на 76 години по долго боледување. Неговите колеги со солзи се сеќаваат на драгиот пријател, дојаен на театарот кој играше во голем број филмови, телевизиски серии и театарски претстави.

    Актерот Атила Клинче вели дека 36 години биле заедно на сцената, а вечно ќе го памети по улогата на Пук во претставата на режисерот Александар Поповски, „Сон на летната ноќ“.

    „Голем пријател, колега, учител, родител, мајстор на својот занает. Бевме партнери во ‘Сонот’ и ќе го паметам како Пук сѐ додека и јас не заминам. Тоа беше мајсторска улога. Салко беше колега кој сѐ споделуваше со нас колегите на сцената, и тага и среќа. Кај него имаше таква срдечност и блискост со сите, каква што веќе денес нема во театарот“, се сеќава низ солзи Клинче.

    Колегите велат дека улогата на Пук во „Сон на летната ноќ“ била мајсторска (Фото: Tурски театар)

    Џенап Самет вели дека со 17 години стаж во Турски театар е еден од помладите актери кој имал чест најмногу да работи со, како што го викале сите, бато Салко.

    „Нема доволно зборови да опишам колку научив од него, тоа го нема во ниту една книга, во ниту една енциклопедија. Тој беше многу амбициозен, сакаше сѐ да нè научи, како треба да се однесуваме не само на сцената, туку и во животот. Никогаш нема да заборавам каква и колкава почит имаше кон сцената, колегите, кон публиката, а најмногу кон уметноста. Нѐ учеше дека никако не смееме да се умориме од сцената, дека треба да дадеме сѐ од себе и максимално да ги газиме даските“, емотивно вели Самет.

    Салаетин Билал играше во три филмови на Милчо Манчевски, „Прашина“ (2001), „Сенки“ (2007) и „Мајки“ (2010)

    Салаетин Билал студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје. Како актер гостувал и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма. Забележителни се неговите ролји во Театарот на Ромите „Пралипе“ и во други независни проекти.

    Глумел во филмовите „Најдолгиот пат“ (1976), „Време води“ (1980), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Зад непријателските линии“, „Прашина“ (2001), преку „Илузија“ (2004), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција „Трето полувреме“ (2012), „Балканот не е мртов“ (2013), „Херој“ (2013) и „До балчак“ (2014).

    Билал е познат и по улогите во сериите, како „Волшебното самарче“ (1975), „Итар Пејо“ (1977), „Илинден“ (1982), „Белото Циганче“ (1984), „Солунски патрдии“ (1986), „Тврдокорни“ (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други. Добитник е на бројни награди.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира