БЛИЗНАЦИ КОИ ДЕЛЕЛЕ ЕДНА ПЛАЦЕНТА ПРЕЖИВЕАЛЕ ГУШКАЈЌИ СЕ

    БЛИЗНАЦИ КОИ ДЕЛЕЛЕ ЕДНА ПЛАЦЕНТА ПРЕЖИВЕАЛЕ ГУШКАЈЌИ СЕБлизнаците Рубен и Тео сега имаат 22 месеци, иако постоел ризик да се задушат во матката, бидејќи делеле една плацента. (Фото:ПА)

    Идентични близнаци ја измамија смртта со прегратка што им го спаси животот, откако имало 50 отсто шанси да се задушат еден со друг во матката. На скенот направен во 10. недела од бременоста било утврдено дека близнаците делат една амнионска кеса, или плацента. Докторите ѝ кажале на нивната мајка Вики Пловрајт, која е медицинска сестра, дека е можно нивните папочни врвци да се заплеткаат, со што ќе се исклучи снабдувањето со кислород и ќе ги убие и двете бебиња.

    Вики,  чиј свршеник Крис Кремер, исто така е медицинско лице, вели дека била со сестра ѝ кога докторот им кажал дека близнаците делат една плацента, место секој од нив да има по една, и дека оваа состојба е многу ретка, односно дека се јавува меѓу еден од 35.000 и еден од 60.000 близнаци во Велика Британија.

    „Бев скршена, откако докторите објаснија дека бебињата се во висок ризик да не ја преживеат бременоста, околу 50 отсто, поради нивната блискост. Секое бебе имаше своја папочна врвца, преку која се хранат, и можеше да се заплеткаат и да ги задушат, што беше застрашувачки и да се замисли“, вели Вики.

    Таа вели дека при скенот во 10. недела од бременоста очекувала дека тоа ќе биде рутински преглед, за кој подоцна ќе го извести својот свршеник.

    „Но наместо тоа, бев во тотален шок. Дури на сестра ми и велев дека нема две бебиња, дека веќе ја имаме ќеркичката Џослин, и дека мислам дека немаме место за уште две. Но, смеењето околу тоа дали се две бебиња или едно запре, откако сонографот покажа дека бебињата се во една плацента“, вели Вики.

    Но, сѐ се сменило по прегледот направен во 12. недела од бременоста, кога докторот им кажал дека бебињата се во животоспасувачка прегратка.

    „На прегледот во 12. недела бевме изненадени, ги видовме како се прегрнуваат држејќи се за раце. Тие се чуваа еден со друг живи, со тоа што остануваа мирни, па нивните папочни врвци не се заплеткаа“, вели Вики.

    Докторите барале Вики да доаѓа на прегледи на секои една до две недели, се до 32. недела од бременсота, кога ги родила со царски рез, по совет на лекарите, бидејќи едното бебе престанало да расте, поради ограничениот простор во матката.

    „Во 17. недела од бременоста дознавме дека се момчиња, и во следните пет месеци бевме во состојба на постојана загриженост. Не можев ниту да се израдувам, бидејќи постојани се плашевме дека на секој нареден скен ќе ни кажат дека не преживеале“, кажа Вики.

    Близнаците биле задржани во одделот за неонатална грижа уште пет недели, а сега имаат 22 месеци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира