Пејачот на „Ју-Ту“ Боно, откри дека има полубрат за чие постоење со децении не знаел.
„Имам уште еден брат, кого го сакам и обожавам, кого не знаев дека го имам“, изјави тој во интревју за радио Би-Би-Си.
Пејачот рече дека дознал за неговиот полубрат во 2000 година, додавајќи дека е спокоен со тоа.
Шеесет и двегодишниот Боно рече дека мајка му Ајрис, која почина во 1974, не знаела дека нејзиниот сопруг има дете со друга жена.
„Ние сме многу блиско семејство, и можев да кажам дека татко ми имаше длабоко пријателство со оваа прекрасна жена, која е дел од семејството, а потоа тие добија дете. И сето тоа беше чувано во тајност“, рече Боно.
Откако Боно дознал, разговарал со татко му Боб пред неговата смрт во 2001.
„Го прашав дали ја сака мајка ми, а тој рече да“, рече Боно. „И реков, како можело да се случи ова, а тој рече: ‘Може’, и дека се обидува да го исправи. Не се извинуваше, туку само кажа, ова се фактите. И јас сум спокоен со тоа“.
На прашањето дали мајка му знаела, Боно одговори: „Не, никој не знаеше. Татко ми очигледно минуваше низ многу нешта, но делумно неговата глава беше на друго место бидејќи неговото срце беше на друго место“.
Пејачот има и постар брат кој се вика Норман.
На програмата, Боно разговараше за смртта на мајка му, од аневризма на мозокот кога тој имал 14 години, и како нејзината смрт имала огромно влијание врз неговото семејство.
„Тоа е психологија како по книга, но веднаш најдов друго семејство – ја формирав Ју-Ту, ја најдов Али [Хјусон, неговата сопруга], тоа се случи доста брзо“, рече тој.
Боно, кој планира да издаде автобиографија во текот на годинава, се прослави на почетокот на 1980-тите и стана една од најголемите рок ѕвезди на планетата.