Фрагмент од Евангелието по Св. Апостол Лука кој датира од 12. век е најстариот документ кој се чува во Државниот архив на Северна Македонија. Воислав Цветковски, вработен во Секторот за заштита на архивскиот материјал во Државниот архив – ДЕПО, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека фрагментот е кај нив благодарение на познатата, моќна трговска фамилија Робеви од Охрид. Фрагментот е најден во материјалите од семејниот архивски фонд на Робеви, а во Архивот е од 1970-те години.
За фрагментот од Евангелието, вели дека е само еден лист, не е целата книга, така што не може да се направат поопсежни анализи, но нашите познавачи, споредувајќи го ракописот од фрагментот со ракописи од разни периоди, утврдиле дека станува збор за 12. век. Напишан е на грчки јазик.
„Не е старогрчки секако, тој се користел во антиката, пред Христа, не е ни баш грчки како денешниот нивни јазик што го викаме гчки, современ грчки, можеби може да се употреби за тоа време и за посоодветно именување на јазикот, како византиски, односно византиско-грчки јазик, кој што бил во употреба во Средниот век“, ни рече Цветковски.
Цветковски вели дека семејството Робеви или Робевци е многу познато семејство не само во Македонија, туку и на Балканот и пошироко. Податоци за нив се смета дека има од 16. век па до 20. век. Трговско семејство од Охрид, тргува со Балканот и Европа за да подоцна и со цел свет. Биле влијателни во Османлиската империја. Еден од нив бил и пратеник во првиот османлиски парламент. Своевремено, има приказни дека кога Османлиската империја била во криза, семејството Робеви дало помош или заем на султанот, а преданието вели дека дало 40 товари злато помош на империјата. Но, си добивале и пред тоа и после тоа, од Султанот берати (документ) со кој имале повластен статус во империјата и дозвола за тргување со цела империја и цел свет, тргувале доста со Персија, Индија, со Истокот. Почнале од Охрид, подоцна основаат фирма, трговско претставиштво во Битола, па се стационираат таму. Клонови фирмата имала секаде, по Балканот, Европа.
„Многу биле моќни, јаки, влијателни. Имале пари, децата им биле школувани по Запад. Знаеле што е вредно, и купувале разни работи како пример документов во архивот. Тие знаеле што е и знаеле за која цена да го купат. Знаеле бидејќи биле образовани, имале осет за цена бидејќи биле трговци. Во Охрид, нели е познатата Куќа на Робевци, заштитен споменик и музеј. Помагале за отворање на црковни училишта во Македонија. Помагале за бркање на грчкиот патријарх од Охрид и негова замена со некој од словенско потекло, и во Битола се бореле против патријаршијата. За време на Втората светска војна, од библиотеката во Битола Бугарите имаат земено најголем дел од материјалите на семејството, кое имало разни вредни книги, документи. Претходно, нешто изгорело и во пожар во нивната куќа. Ми се чини дека во архивскиот фонд ‘Робеви’ во Архивот во Бугарија има некаде околу 100.000 документи, кај нас во Државниот архив имаме семеен фонд ‘Робеви’, бр. на фонд 961, материјал од 59 архивски кутии и 41 книга. Фондот е збир на повеќе материјали“, вели Цветковски.
Како најстар документ во архивот и документ од прва категорија, нормално дека заЕвангелието по Лука постојат и дополнителни услови за чување, како специјализирани метални каси и слично. Документот е изложен неколку пати, од кои на поважни поголеми јубилеи од основањето на Државниот архив или поголем настан организиран од архивот.
Како и за други оригинални документи од Државниот архив, а особено за вакви документи од прва категорија, пропишани се посебни услови за изложување, презентација, чување. При обележување на некој голем настан, кога би биле изложени вакви документи, се обезбедуваат посебни услови за физичка и хемиско-биолошка безбедност во и надвор од Архивот. Во смисла за физичка безбедност, надвор на влезот од Архивот, зградата ја обезбедува полиција, а внатре дел од вработените внимаваат на сѐ, до најмали ситници.
А за хемиско-биолошка безбедност, во смисла на влагата и температурата на воздухот каде ќе биде изложен документот, вели Цветковски, се поставува во витрина со стакло, се фаќа од вработените и мести во витрината со специјализирани ракавици за да не се оштети документот. Но, додава тој, интенција е секаде по светот, па и кај нас, да се има квалитетна, добра копија на документите при што да се гледа секогаш или што може повеќе да се користат копиите за изложување, транспорт и слично.
„Во 2017 чинам беше, имаше добра идеја и се претвори во реалност, со што се направија обични копии на поважни документи како овој, документи од АСНОМ за јазикот, химната и слично. Се стилизираа убаво, убаво изгледаа, во вид на свиток“, ни рече тој.
Цветковски со нас проговори и за случка од пред некоја година, кога колегите од Архивот во Битола нашле мошне интересен документ, исто пергамент како евангелието, но ова завиткано и долго околу 2 метра, напишано на хебрејски јазик.
„Гледано е, истражувано е, но веројатно станува збор за некој специфичен дијалект хебрејски при што лесно не може да се расчита документот, но се претпоставува или согледува дека и тоа ќе да е религиски, верски документ, и се претпоставува дека по старост е тука некаде како евангелието по Лука, но поконкретно се смета дека е ова од 13. век. Се работи, доаѓаат екипи и други од Израел се интересираат, ќе се расчита некако, во иднина и дознае повеќе за него“, додава тој.
Државниот архив на 1 април одбележа 69 години од формирањето. Директорот Емил Крстески вели дека во рамките на Државниот архив работат девет одделенија, и тоа во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Струмица и Тетово, кои се формирани во периодот од 1951 до 1962 година. Во Државниот архив се чуваат 7.769 архивски фондови, околу 70.000,00 архивски книги, 382 збирки, мноштво на микрофилмуван архивски материјал, а интензивно се работи и врз дигитализација на приоритетните историски фондови.
Б. НЕСТОРОСКА