Девојка од Калифорнија има многу редок синдром на активација на мастоцити (МЦАС), поради што има над 100 алергии и може да јаде само 13 намирници. На сѐ останато е алергична.
При оваа состојба, лицето постојано доживува симптоми на анафилакса, односно алергиски симптоми како отоци, отежнато дишење и тешка дијареја.
Дваесет и едногодишната Џена Гестетнер од Лос Анџелес изјави за „Фокс њуз“ дека во текот на целиот живот имала невидум неповрзани здравствени проблеми.
„Секогаш сум била чувствителна. Имав чувствителна кожа, чувствителен стомак и лесно се разболував или повредував. Ова стана уште полошо откако наполнив 12 години“, кажа Гестетнер.
Таа открила дека симптомите како мачнина, болка, вртоглавица и замор се влошувале по јадење одредена храна. На 18 години јадела само 15 намирници, по што ѝ бил дијагностициран МЦАС.
Лекарите откриле дека не е алергична на само 13 намирници, меѓу кои се бела риба, мисиркино месо, боранија, краставица, грозје, малина, круша и маслиново масло. Таа вели дека најголем предизвик ѝ е да јаде надвор од дома.
„Дури и мали количества на недозволена храна можат да предизвикаат реакција. Сега уживам во исти работи секој ден: пудинг од чија семки за појадок, протеини од риба и зеленчук за ручек и вечера и овошје за десерт. Важно ми е да внесувам доволно калории, па водам сметка исхраната да ми е урамнотежена, и покрај малиот избор“, вели таа.
Меѓу главните намирници што мора да ги избегнува се црвено месо, ориз, тестенини, пилешко и зачини.