ЕЛКА ОД 600 КНИГИ ВО БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКА

    ЕЛКА ОД 600 КНИГИ ВО БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКАУстановата наоѓа разни начини да ги привлече читателите. - Елката од книги (Фото: СДК.МК)

    Елка од 600 книги е подигната во холот на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола. Ова е дел од предновогодишните активности во оваа установа кои имаат за цел претставување на библиотеката како место за дружење и промовирање на едукативни и креативни програми на деца, млади и возрасни. Замислената празнична магија во Библиотеката ја организираат библиотекари, училиштето за странски јазици „Rosetta Stone“, Здружението за развој на Ромската заедница – „Сумнал“ и училиштето „Коле Канински“ од Битола.

    „Токму новогодишната елка покажува само мал дел од огромниот фонд на книги што ги има Библиотеката и го свртува вниманието кон вистинските вредности во животот“, велат вработените во установата.

    Битолската библиотека се обидува да ги поттикни битолчани да читаат во време кога граѓаните растргнати меѓу секојдневната трка за заработувачка и занимациите на социјалните мрежи имаат сѐ помалку време за тоа.

    Но, установата наоѓа разни начини да ги привлече и тоа преку набавка на популарни наслови за кои има дури и листа на чекање со резервација, како што е примерот со „Потекло“ од Ден Браун и ред други. Идната година Битолската библиотека ќе постави и штанд на Широк Сокак зашто планира и таа со своето книжевно богатство да излезе меѓу граѓаните, а не само тие да доаѓаат во нејзиниот храм во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира