Скулптурата на филџан кафе остана на влезот од Битола, но на Широк Сокак се ретчат кафулињата. На една од најпознатите улици во земјава каде ритуал е пиењето кафе, неделава во ист ден се затворија три кафулиња. Газдите причините ги лоцираат во големите кирии на дуќаните, намалениот број гости и слабата економска моќ на граѓаните.
„Договорот за дуќанот каде што ни беше сместен кафичот ни истекува во март следната година. Но, од сопствениците ни беше кажано дека нема да го продолжат зашто имаат планови да го издадат на други. Со оглед на тоа дека доаѓаат месеци кога заработувачката е мала, со ризик во бизнисот, правила дали да се пуши или не во заградените простори, така лани завршивме и на суд поради тоа што таму се пушело, одлучивме да го затвориме кафулето“, вели битолчанецот Сребре Нечовски.
Иако кафулињата изгледаат дека по цел ден се полни, често пати масите со часови се зафатени од гости кои пијат по едно кафе.
„Нема луѓе, од годините наназад никогаш немало толку малку луѓе, а се нема ни пари. Има договор меѓу кафичите утринското кафе до 11 часот да биде 30 денари, а потоа 40 денари. Се случува во десет минути до 11 часот да се зафатат повеќе маси и гостите со кафе што чини 30 денари да седат до 14 часот“, велат угостители.
Кираџии на Широк Сокак велат дека иако градот е погоден од иселенички бран, па и прометот е намален, се затвораат дуќани, ваквиот тренд не ги намалува високите цени на дуќаните што се издаваат под кирија. Нема месечна наемнина за дуќан под 2.000 евра, а највисоката се движи до 5.000 евра, како да се работи за локали на познатите улици во Минхен или на париската Шанзелизе. Месечниот закуп за дуќаните кои се плаќаат во странска валута е 11 пати повисока од просечната и 26 пати од најниската плата во земјава.
Но, во последните години и кафанџиите се на мака да најдат персонал зашто најголемиот дел од келнерите им заминаа да работат во „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени каде имаат точно определено работно време, плата и придонеси.
На Широк Сокак пред години и пол катанци на вратите ставија десетина дуќани за облека. Но, никој не се надеваше дека на таканаречената улица „Биди виден штрасе“ каде што секој сака да пие кафе, ќе се затвораат кафулиња. Дуќаните кои се празнат претежно се во горниот дел на Широк Сокак каде и наемнините се највисоки.
Дел од битолчани коментираат дека за бизниси поатрактивен станува долниот дел од Широк Сокак и дека секогаш има периоди кога настанува промена на делови од градот кои се хит за кафулиња и бутици.
Според податоци од Заводот за статистика, во Битола капацитети за угостителство има 165. Повеќе има во Скопје, Гостивар, Куманово, Струга, Тетово. Иселувањето и намалениот промет се одразува и врз економијата. Во Пелагонискиот регион во 2016 година новосоздадени претпријатија имало 696, во 2015- 978, а во 2011 година 1020. На годишно ниво во овој регион згаснуваат околу 700 бизниси.
Ж. ЗДРАВКОВСКА