ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ДОДЕЛИ 40 НОВИ СТИПЕНДИИ ЗА УЧЕБНАТА 2025/26

    ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ДОДЕЛИ 40 НОВИ СТИПЕНДИИ ЗА УЧЕБНАТА 2025/26Фондацијата ги награди Исидора Давитковска и Јована Цветановска како првенци на генерацијата на Фармацевтскиот факултет и Медицинскиот факултет (Фото: Алкалоид)

    Осумнаесетта година по ред, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Oд ноември 2022 износот на стипендијата изнесува 7.000 денари во текот на 12 месеци.

    Изборот на стипендистите за учебната 2025/26 е одобрен од Управниот одбор на Фондацијата. За новата академска година се доделуваат по 20 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет.

    И оваа година Фондацијата ќе додели еднократна парична награда од 1.200 евра за првенците на генерацијата на двата факултета. Добитници се Исидора Давитковска од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,77) и Јована Цветановска од Медицинскиот факултет (со просек 9,98), стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

    „Во време кога вештачката интелигенција станува неизбежен дел од секојдневието, важноста на човечкиот фактор, а особено на квалитетното образование, станува пресудна. Затоа образованието не смее да се сведе само на стекнување технички вештини, туку треба да мотивира и да поттикнува критичко размислување, креативност и способност за решавање комплексни проблеми. Во вакви специфични времиња исполнети со огромни предизвици, особено за младите, вистинска чест е да се биде дел од континуирана позитивна приказна на едукација, научна посветеност и врвни резултати во сферата на здравството и фармацијата. Благодарение на високата селективност при ангажирањето стручен кадар и на континуираните вложувања во развој и едукација, денес ’Алкалоид’ конкурентно и достоинствено се носи на глобалниот фармацевтски пазар“, изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.

    Во 18 години постоење, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендирала вкупно 739 студенти по фармација и по медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и инвестирала близу 151 милион денари по основ на стипендии и еднократни парични награди за првенците на генерација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира