Градежни работници сериозно оштетиле дел од Кинескиот ѕид во централната провинција Шанџи откако со багер копале низ него. Полицијата кажа дека две лица се осомничени дека сакале да создадат пократок пат до местото каде што граделе.
„Тие копале за да ја прошират постоечката празнина на Кинескиот ѕид за да може нивниот багер да помине низ него, при што предизвикаа непоправлива штета на интегритетот на ѕидот“, соопшти полицијата, додавајќи дека се приведени 38-годишен маж и 55-годишна жена.
Властите дознале за штетата на 24 август, кога биле известени дека постои голема празнина во ѕидот.
Кинескиот ѕид во континуитет бил граден и обновуван во периодот од 220 година пред нашата ера до 17. век, кога бил најголемата воена структура на светот. Најголемиот дел од она што посетителите го гледаат денес било изградено за време на династијата Минг.
Некои делови од ѕидот биле оштетени или урнати низ годините, особено во руралните области. Во 2016. „Беиџинг тајмс“ објави дека 30% од ѕидот целосно исчезнал, а само 8% се добро зачувани.