КОЈ САКА МОЖЕ ДА ГО НАУЧИ МАКЕДОНСКИОТ ЗНАКОВЕН ЈАЗИК, ПРОМОВИРАНА ВЕБ ПЛАТФОРМА ЗА ГЛУВИ

    КОЈ САКА МОЖЕ ДА ГО НАУЧИ МАКЕДОНСКИОТ ЗНАКОВЕН ЈАЗИК, ПРОМОВИРАНА ВЕБ ПЛАТФОРМА ЗА ГЛУВИСнимени се 850 видеа, за секој збор има по едно видео кој го претставува едно лице облечено во црна облека, а за да се изготви едно видео најнапред требало да се помине подолг период на тренинг за да се разберат едни со други и да ги разберат потребите и можностите еден од друг. (Фото: Фондација „Борис Трајковски“)

    Околу 100 луѓе и тоа над 80 отсто глуви лица од земјава биле вклучени во процесот за изготвување на видеата кои се поставени на првиот веб речник на македонски знаковен јазик, достапен на  www.znakoven.mk.  Сајтот е дел од проектот „Раце што зборуваат“, и со него се поставува солидна основа пред сѐ за глувата популација, за знаковните толкувачи, но и за сите заинтересирани да добијат квалитетно образование на македонскиот знаковен јазик. Речникот е целосно изработен од членовите на Здружението на глуви и наглуви „Тишина“ од Карпош со поддршка на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и маркетинг агенцијата „СкајБлумедиа“.

    Во однос на облеката нема посебни барања, но применувајќи го размислувањето на глувата популација да се привлече вниманието на корисникот на речникот за подобро учење на знаците, се исклучуваат останатите влијанија на видеото за фокусот секогаш да биде во рацете на презентерот и експресијата на неговото лице. (Фото: Принтскрин од едно од видеата)

    „Идејата за еден ваков речник е подолго време разгледувана, некаде од пред 12 години, кога се зголеми потребата на глувата популација за користење на знаковниот јазик во Македонија. Знаковниот јазик е различен во секоја земја во светот и затоа поставувањето основа за изучување на знаковниот јазик пред сè треба и мора да биде создадена од глувата популација во секоја земја, што за нив  претставува нивна култура чувајќи ја како своите очи, бидејќи единствениот начин да се разберат со луѓето што слушаат е преку користењето на знаковниот јазик“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Роберт Милчев од Фондацијата.

    За изработката на веб страницата, вели тој, потребно било подолг период добро да се припреми основата каде што било вложен голем труд од страна на глувата популација, но и тие што слушаат да се разберат.

    „Најнапред требаше добро да се разгледаат потребите на глувата популација, да се обмисли функционалноста на еден ваков сајт, и за да се постигне тоа се направени многу истражувања во разни земји во светот, користејќи го нивното искуство и прилагодувајќи го на потребите и условите на глувата популација во Македонија. За изработка на оваа веб страница беа користени високи светски стандарди од технички аспект, пред сѐ, но и од функционален аспект за подобро и полесно учење на македонскиот знаковен јазик. Ова е главната водилка и пристап на целиот проект ‘Раце што зборуваат’“, вели тој.

    За изработката на веб страницата потребно било подолг период добро да се припреми основата каде што бил вложен голем труд од глувата популација, но и тие што слушаат да се разберат. (Фото: Фондација „Борис Трајковски“)

    За секој збор има по едно видео кој го претставува едно лице облечено во црна облека, и за да се изготви едно видео најнапред требало да се помине подолг период на тренинг за да се разберат едни со други и да ги разберат потребите и можностите еден од друг. Во периодот од 17 месеци, вклучувајќи ги месеците од април до септември оваа година во време на пандемијата, биле изработени 850 видеа кои веќе се на веб страницата, а до крајот на годината целта им е да додаваат 50-80 нови видеа неделно со нови зборови и поими.

    „Овој веб речник ќе се изработува континуирано во наредниот период сѐ додека има потреба од учење на нови зборови на македонски знаковен јазик. Сметаме дека оптимално овој речник треба да има не помалку од 3.000 зборови и поими во сите 36 категории. Во однос на облеката нема посебни барања, но применувајќи го размислувањето на глувата популација да се привлече вниманието на корисникот на речникот за подобро учење на знаците, се исклучуваат останатите влијанија на видеото за фокусот секогаш да биде во рацете на презентерот и експресијата на неговото лице. Црната боја е изберена од самите глуви во Македонија, а во светот секој посебно си донесува одлука за тоа“, додава Милчев.

    Тој вели дека во светски рамки има многу вакви примери и проекти, но во секоја земја ова е различно во зависност од нивото на развој на глувата популација. Затоа, овој проект е специфичен и уникатен само за Македонија, вели тој, а ова наше искуство може да го користат и други земји согласно нивните потреби.

    Речникот е целосно изработен од членовите на Здружението на глуви и наглуви „Тишина“ од Карпош со поддршка на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и маркетинг агенцијата „СкајБлумедиа“. (Фото: Фондација „Борис Трајковски“)

    Милчев ја најавува и втората компонента на проектот „Раце што зборуваат“, сајтот Овошен.мк кој има два дела и тоа: да обезбеди повеќе можности за вработување на глувите лица во мешана средина и да ја подигне јавната свест кај лицата што слушаат, но и да ги мотивираат да започнат да го користат македонскиот знаковен јазик со што би им се олеснила комуникацијата со глувите. Оваа веб страна сѐ уште е во изработка и се очекува да биде пуштена во октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира