Лекари успешно развија стетоскоп со вештачка интелигенција (ВИ) кој може да детектира три вида срцеви заболувања за само 15 секунди.
Традиционалниот стетоскоп, измислен во 1816 година, е витален дел од медицинската опрема повеќе од два века, но сега тим истражувачи од Империјал колеџот во Лондон дизајнираа високотехнолошка надградба која може речиси веднаш да дијагностицира срцева слабост, болести на срцевите залистоци и абнормален срцев ритам.
Новиот уред може да анализира ситни разлики во отчукувањата на срцето и протокот на крв кои се незабележливи за човечкото уво, а истовремено прави и брз електрокардиограм (ЕКГ). Деталите за ова откритие, кое може значително да ја подобри раната дијагностика, беа претставени на годишниот конгрес на Европското здружение за кардиологија во Мадрид.
Раната дијагноза е клучна за овие три состојби, овозможувајќи навремено лекување пред пациентите да развијат сериозни компликации. Во студијата за тестирање на стетоскопот со ВИ биле вклучени околу 12.000 пациенти од 200 амбуланти во Велика Британија, кои имале симптоми како отежнато дишење или замор.
Резултатите покажале дека кај пациентите прегледани со новата алатка имало двојно поголеми шанси да им биде дијагностицирана срцева слабост. Исто така, веројатноста за дијагностицирање на атријална фибрилација – абнормален срцев ритам што го зголемува ризикот од мозочен удар – била трипати поголема, додека шансите за откривање болест на срцевите залистоци биле речиси двојно зголемени.
„Дизајнот на стетоскопот беше непроменет 200 години – досега. Неверојатно е што паметен стетоскоп може да се користи за 15-секунден преглед, по што вештачката интелигенција брзо дава резултат кој укажува дали некој има срцева слабост, атријална фибрилација или болест на срцевите залистоци“, изјави д-р Патрик Бехтигер од Империјал колеџот во Лондон.
Уредот, произведен од калифорниската компанија „Еко Хелт“, е со големина на карта за играње. Се поставува на градите на пациентот за да се сними ЕКГ, додека микрофонот го снима звукот на крвта што тече низ срцето. Овие информации се испраќаат на безбеден онлајн простор (клауд) каде што алгоритмите за вештачка интелигенција ги анализираат за суптилни проблеми што човекот би ги пропуштил. Резултатот потоа се испраќа на паметен телефон.
Иако технологијата носи и одреден ризик од лажно позитивни резултати, истражувачите нагласуваат дека стетоскопот со ВИ треба да се користи кај пациенти со симптоми, а не за рутински прегледи кај здрави луѓе. Сепак, потенцијалот за спасување животи и намалување на трошоците преку рана дијагноза е огромен.
„Повеќето луѓе со срцева слабост се дијагностицираат дури кога ќе пристигнат во ургентниот центар сериозно болни. Оваа студија покажува дека стетоскопите со ВИ би можеле да го променат тоа, давајќи им на лекарите брза и едноставна алатка за порано откривање на проблемите“, вели д-р Михир Келшикер, исто така од Империјал колеџот.