Поп ѕвездата Мадона е пуштена од болница и се наоѓа дома откако неколку дена помина на интензивна нега поради сериозна бактериска инфекција. Поради овие здравствени проблеми, 64-годишната Мадона вчера ја откажа најавената седуммесечна светска турнеја, која требаше да почне за неколку недели.
„Мадона е превезена до својот дом во Њујорк со приватно амбулантно возило. Нејзината состојба сега е подобра“, изјави еден извор за Си-Ен-Ен.
Не е познато што ја предизвикало инфекцијата, но лекарите кажаа дека состојбата станала крајно сериозна и затоа таа морала да биде префрлена на интензивна нега.
Мадона беше во завршната фаза од подготовките за турнејата насловена „Прослава“, на која требаше да ги изведе најголемите хитови од четиридецениската кариера.