Откако неговиот дизајн на електричен „југо“ од 2021 беше одлично прифатен во јавноста, македонскиот дизајнер Дејан Христов сега креираше цела серија модели на легендарниот југословенски автомобил, која опфаќа различни сегменти.
„Југо спортовер“ е целосно електричен компактен хечбек, замислен како наследник на „југо флорида“ од 1987. „Спортовер“ има изразено обликувана каросерија, која ги истакнува големите алуминиумски тркала.
„Југо Н-Дуро“ изгледа како авантуристички теренец, нешто како „лада нива“. Издигнатата каросерија со облик на кутија, полуизложените гуми за кал и ЛЕД-лентата на покривот укажуваат на тоа дека „Н-дуро“ е создаден за возење во дивина.
„Југо роудстер“ е спортски автомобил, чии пропорции и стил потсетуваат и на суперавтомобил.
„Југо е-ван“ е моноволумен кој како концепт наликува на електричниот „ИД. баз“ на „Фолксваген“.
„Југо кабрио“ има каросерија со две врати, четири седишта и платнен покрив на повлекување.
3-Д генерираните цртежи на Христов засега постојат само во дигиталниот свет, но тој смета дека „југо“ би требало да се обнови и се надева дека на овој начин ќе привлече инвеститори.