НА ЕКСПО ЗА МОДА И ЖИВОТЕН СТИЛ СЕ УЧИ ЗА ЖИВЕЕЊЕ БЕЗ ПОЛИТИКА

    НА ЕКСПО ЗА МОДА И ЖИВОТЕН СТИЛ СЕ УЧИ ЗА ЖИВЕЕЊЕ БЕЗ ПОЛИТИКАРаботилницата и изложба на прочуениот костимограф Изет Цури е дел од второто издание на Експо за мода и животен стил што е во тек во Македонската опера и балет (Фото: СДК.МК)

    Има живот надвор од политиката, има живот во стилот на живеењето со дизајн, мода, патувања, накит, часовници, мебел, храна, пијалаци, со концерти, со разни обуки за учење нови вештини, со креативно дружење. Тоа го покажува второто издание на Експо за мода и животен стил (Fashion & Lifestyle Expo), што од синоќа до утревечер се одржува во Македонската опера и балет (МОБ) во Скопје.

    „Страста е она што нѐ води во приказната за настанот што втора година по ред го организираме. Сакаме да зборуваме за страста кон одреден стил на живот, дали се тоа хобија, или е страст за мотоциклизам, или за автомобили, за сите видови дизајн или за готвење храна, правење коктели, патување. Со овој настан правиме приказна од 360 степени за животен стил, независно од која индустрија, од која област или сфера на интерес доаѓаат учесниците и посетителите, зборуваме за нешта кои го облагородуваат нашиот живот“, вели Огнена Ристовска од МОМЕНТУМ.МК, организатори на тродневниот забавно-креативен настан.

     

    Архитектката Искра Јанковска Михајловска и модната дизајнерка Лидија Георгиева со брендот „Искра и Лидија“ се претставуваат со принтови од нивната колекција „Блупринт“ пренесени на декоративни луксузни перничиња изработени од брендот „Талија“ (Фото: СДК.МК)

    Организаторите велат дека не е лесно, но дека сепак има јавност која сака да ги живее убавите нешта. И, тоа се гледа од атмосферата во фоајето на МОБ, кое со озвучувањето и со осветлувањето добива нова, уште посовремена димензија.

    Дневната програма е со интерактивни работилници и деловни контакти, а навечер скопското експо има шоу елементи, ревии, концерти, со весели понуди по неколкуте шанкови за храна и пијалаци. Домаќините на штандовите весело коментираат дека има убав народ, добра свирка, неформална бизниз атмосфера.

    Дневната програма е со интерактивни работилници и деловни контакти, а навечер скопското Експо има шоу елементи, ревии, концерти, со весели понуди по неколкуте шанкови за храна и пијалаци (Фото: СДК.МК)

    На второто ниво на фоајето, работилница и изложба и прочуениот костимограф Изет Цури со своите ученци од Меѓународниот институт со негово име, а долу има повеќе брендови меѓу кои е и „Искра и Лидија“ со колекцијата „Блупринт“  што ја промовираа на последната Скопска недела на дизајнот лани во ноември.

    Архитектката Искра Јанковска Михајловска и модната дизајнерка Лидија Георгиева линијата на „Блупринт“ ја проширија во соработка со „Талија“ од Скопје, бренд со 27-годишна традиција за изработка на предмети за внатрешно уредување на домот, па на Експо се претставуваат со декоративни луксузни перничиња. Тие велат дека во оваа колекција ги продолжуваат темите и техниките  од иницијалната колекција, но дека сега носталгичниот момент го развиваат во помодерен контекст.

    „Развивме мотив,  што барем нас не потсетуваше на зрно кафе. Па, во дизајнот, обработката, материјалите  одевме на тоа да го постигнеме чувството кога потпрени на перница пиеме кафе. Чувство на конфор, удобност, на смиреност. Гамата на бои е екстремно современа, во склад со најновите светски трендови, нежни, будоарски и тактилни бои“, велат авторките кои задоволно го најавуваат својот нов, велат традиционален, но и луксузен производ.

    Богатата програма на Експо зборува за идејата на иницијаторите кои велат, колку и да има настани сепак не се доволно.

    „Има толку различни концепти на живот на кои можеме да им дадеме шанса да се развиваат. Има толку многу работи што можеме да ги направиме од различна перспектива“, велат од МОМЕНТУМ.МК.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира