Извршниот директор на групацијата „Алибаба“ Џек Ма, кој најверојатно е најбогатиот човек во Кина, вели дека има и негативна страна на тоа да си богат.
„Немам време да ги трошам моите пари“, изјави Ма, чие богатство е проценето на 46,6 милијарди долари, во интервјуто за „Блумберг“.
Богатството на Ма се зголеми наеднаш за 13,3 милијарди долари на почетокот на годината, кога цената на акциите на „Алибаба“ порасна двојно. Најголемиот дел на богатството на Ма е врзано за акциите на компанијата.
„Луѓето ми велат: ‘Џек, може да ги потрошиш парите подобро од владата, подобро од другите’. Ок, ги имам сите тие пари. Како може да трошам на подобар начин?“, вели Ма.
Најбогатиот човек во Кина се запрашува: „Колку може да се потроши во животот?“
Не е доволно јасно дали Ма се повикувал на личното богатство или на компанијата. „Алибаба“, компанија вредна 392,7 милијарди долари, има 21,4 милијарди во кеш. Исто така, има инвестирано многу во успешни технолошки стартапови, вклучувајќи ги „Снепчет“ и „Лифт“.
Лично, со своите пари купил луксузен апартман во Хонг Конг со вредност од 36 милиони долари.