Националната галерија во Лондон објави дека конзерваторите нашле цртеж скриен под една од најпознатите слики на Леонардо да Винчи „Богородица во карпите “, стара 500 години. Експертите ги пронашле првичните нацрти за ангелот и малиот Исус под површината на „Богородица во карпите“.
Новото откритие покажува дека ангелот и малиот Исус првично биле повисоко поставени на сликата. Исто така, најдени се и отпечатоци од раката на уметникот, или пак на асистентот.
Скиците се значително различни од финалниот изглед на делото, кое следната година ќе биде изложено во Националната галерија.
„Новите цртежи беа откриени бидејќи биле изработени од материјал кој содржел цинк, и затоа беше можно да се видат со помош на макрорентгенски флуоресцентни мапи и нови инфрацрвени и хиперспектрални слики“, соопшти Галеријата.
Претходно откритие во 2005 откри дека позата на Богородица била променета, но тогаш имало само навестувања за други фигури.
Според шефот на конзеравторскиот дел на Лондонската галерија Лери Кит, откритието „дава ново видување на тоа како размислувал Да Винчи“.
Сѐ уште не е познато зошто големиот уметник се откажал од првичната композиција.