Ози Озборн и „Блек Сабат“ се простија од фановите во голем стил на спектакуларен десетчасовен музички настан во Бирмингем, што беше спореден со „металски Лајв ејд“. Некои од најголемите метал и рок бендови и музичари се собраа на стадионот „Вила парк“ за да им оддадат почит на основоположниците на тврдиот звук, свирејќи свои и хитови на „Сабат“ пред 40.000 фанови на самото место и огромната публика која го следеше настанот преку стриминг.
Поради хроничните проблеми со грбот и Паркинсоновата болест, 76-годишниот Озборн пееше седејќи на црн пресол. Тој изведе пет песни од својата соло кариера, а потоа ѝ се придружи на оригиналната постава на „Сабат“, која се обедини на сцена за првпат по 20 години.
„Убаво е повторно да се биде на сцена. Немате претстава како се чувствувам. Ви благодарам од дното на моето срце“, кажа Озборн.
Меѓу учесниците беа „Металика“, „Слеер“, „Пантера“, „Ганс ен роузис“, „Тул“, „Гоџира“, „Антракс“, Стивен Тајлер од „Аеросмит“, Рони Вуд од „Ролинг стоунс“, Били Корган од „Смешинг пампкинс“, „Алис ин чеинс“ и други.
Фановите дојдоа од целиот свет во Бирмингем, родниот град на „Блек Сабат“, а целиот профит ќе оди во добротворни цели. Цените на картите се движеа од 200 до 2.000 фунти.
„Ти си еден од најзначајните пејачи на нашето време. Ти си крал, ти си легенда“, кажа Елтон Џон во видеопорака, а на овој начин се обратија и Доли Партон и Били Ајдол.
Озборн го основал „Блек Сабат“ во 1968 заедно со гитаристот Томи Ајоми, басистот Гизер Батлер и тапанарот Бил Ворд. Нивниот мрачен имиџ и жесток звук ги направи еден од највлијателните бендови на своето време, поттикна нов музички правец и продолжува да инспирира музичари.