Македонија, Косово и Албанија веќе неколку години се поврзани со планинарска патека долга 370 километри, која не само што е добар пример за прекугранична соработка, туку и за правилно користење на странски донирани пари. Развиена со финансиска поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), патеката „Хај Скардус“ се протега во Македонија преку Шар Планина, Кораб, Дешат, Јакупица и Галичица, при што почнува од Ново Село под Љуботен и завршува во Свети Наум кај Охрид.
Целото патешествие може да започне од четири града, Тетово и Охрид во Македонија, Призрен во Косово или Пешкопеја во Албанија, а ако се додадат и секундарните, пристапни патеки, вкупната должина на „Хај Скардус“ изнесува околу 500 километри.

„Хај Скардус“ во 2022 беше прогласен за најдобар европски туристички производ од страна на British Travel Writers Guild (Фото: ГИЗ)
„Патеката во својата основна форма е во функција од 2017 година. Во меѓувреме се надградуваше и се правеа корекции. Тоа е постојан процес. Технички спаѓа во патеки со долго растојание, при што основната траса е долга 370 километри и има 30 етапи, од кои 24-25 се официјални. Исто така, има и повеќе од 70 километри секундарни патеки, како влезни места кон главната траса. Се разбира, ова не е патека што се минува одеднаш, но посетителите имаат можност да го изберат она што им е најинтересно“, вели Константин Циривири, претседателот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.
Тој е еден од креаторите на патеката, заедно со претседателот на планинарскиот клуб „Љуботен“, Јован Божиноски и сега покојниот Нехари Дриза од Косово.
„Ова е огромен инфраструктурен зафат, имајќи предвид дека најголемиот дел од патеката е на надморска височина од над 2.000 метри. Повеќе од 90 отсто од патеката минуваат низ заштитени подрачја, што ѝ дава дополнителна вредност“, вели Циривири.
Највисоката точка е Кораб и, според Циривири, ова е најбараната етапа, но и економски недоволно искористена. Други попатни природни убавини се Ливадичко Езеро, Лешница, Џинибег, Луково Поле, Маврово, Јабланица, Црн Камен, Вевчани, цела Галичица… Ако се изоди по целата должина, осумпати се преминува од една во друга држава преку таканаречените „зелени премини“.
„Ниедна патека во рамките на ‘Хај Скардус‘ не е новопробиена. Релјефот на Балканот е планински. Луѓето отсекогаш живееле на планина и има патеки кои се фантастично обмислени и одржувани. Тие се цивилизациско наследство. Наша задача беше да ги испитаме варијантите и да направиме компилација која би била најидеална за привлекување туристи. Ова е заедничка идеја со ГИЗ, кое вложи околу 130.000 евра во поставувањето на патеката и ова е добар пример каква соработка треба да се прави со странските донатори за да има бенефит. Самата идеја не беше само патека, туку коридор за планински туризам, да развиваме поширока зона со дополнителни содржини. Денес има 123 легла на македонската страна по должината на патеката“, кажа Циривири.
За успешноста на проектот зборува и фактот дека „Хај Скардус“ во 2022 година беше прогласен за најдобар европски туристички производ од страна на British Travel Writers Guild, што е своевиден туристички Оскар.
„‘Хај Скардус‘ поврзува култури, луѓе, сектори и институции. Немаме официјални податоци за посетеноста, но бројот на посети е во пораст за 60-70% на годишно ниво и ќе расте уште повеќе. Тоа е нормално, зашто Македонија и Косово сѐ уште не се доволно откриени“, вели Циривири.
Германското друштво за меѓународна соработка повеќе од 30 години работи на унапредување на руралниот, авантуристичкиот, гастрономскиот и етно туризам низ Западен Балкан. Го поддржа и развојот на ‘Хај Скардус‘ преку инфраструктурно уредување, поставување сигнализација на патеките, обука на професионални водичи на планина и доделување грантови за подобрување на сместувачките и угостителските капацитети.
Г. КОНЕВ





