Лари Флинт, основачот на магазинот „Хастлер“ кој ја популаризираше порнографијата, почина на 78 години во болница во Лос Анџелес. Во кариера долга пет децении, Флинт беше предмет на бројни контроверзи и судски тужби, но и се бореше за слобода на говорот.
Тој беше врзан за инвалидска количка од 1978 година, кога беше застрелан пред суд во Џорџија, за што неговиот напаѓач никогаш не беше обвинет.
Флинт влегол во индустријата за возрасни како сопственик на стриптиз бар во Охајо, а „Хастлер“ почна да го издава во 1974 година. Според Флинт, на врвот на популарноста, магазинот се продавал во три милиони примероци месечно.
Во 1983 година беше тужен од телевангелистот Џери Фалвел, од кого објави карикатура во „Хастлер“ со текст дека првиот сексуален однос го имал со мајка му. Случајот стигна до Врховен суд, кој едногласно пресуди во полза на Флинт, што ги отвори вратите за слободно изразување во сатирата во САД.
Флинт подоцна го прошири својот бизнис и во други медиуми, создавајќи порнографско царство, кое во еден момент вредело 150 милиони долари.