Ново музичко дело за кое се верува дека е на полскиот композитор Фредерик Шопен е откриено речиси 200 години по неговото пишување. Непознатиот валцер е откриен во трезорот на Библиотеката и музеј Морган во Њујорк.
Реткиот ракопис, кој е датиран помеѓу 1830 и 1835, го открил кураторот Робинсон Меклелан, додека работел на каталогизрање на нови колекции. Потоа Мекелан работел со експерт за Шопен за да ја потврди автентичноста на партитурата. Делото не е потпишано од Шопен, но ракописот го вклучува неговиот препознатлив бас-клуч.
Валцерот има мали грешки во ритамот и нотацијата, но Меклелан вели дека е сигурен оти Шопен стои зад него.
„Она за што сме најсигурни е дека е напишано со раката на Шопен. Она што не е сосема сигурно е дека тоа е музика што тој ја компонирал. Се чувствувам околу 98% сигурен, а многу луѓе кои го слушнаа веќе чувствуваат дека ова звучи како Шопен“, рече кураторот.
Светската пијанистичка ѕвезда Ланг Ланг го сними валцерот за „Њујорк тајмс“, кој прв ја објави веста.
Шопен, кој пишуваше претежно соло за пијано, почина на 39 години во Франција во 1849. Шпанските истражувачи сметаат дека Шопен веројатно имал епилепсија зашто бил прогонуван од халуцинации за време на неговиот релативно краток живот.