РЕДИЦИ ЗА ДЕНОТ НА БЕСПЛАТНИТЕ СТРИПОВИ ВО СКОПЈЕ, МЕТРОПОЛА БЕЗ СТРИПАРНИЦА НЕ БИВА

    РЕДИЦИ ЗА ДЕНОТ НА БЕСПЛАТНИТЕ СТРИПОВИ ВО СКОПЈЕ, МЕТРОПОЛА БЕЗ СТРИПАРНИЦА НЕ БИВАГолема дружба и радост за луѓето кои се посебна заедница –стрипоманите го дочекаа овој ден како голем празник, па доаѓаа и донираа стрипови, настрана што добиваа од бесплатните примероци, и што купува од оние на голем попуст, а се радуваа и на ексклузивните колекции - редицата пред „Бункер“ во сабота претпладне (Фото: СДК.МК)

    Редицата за стрипови на „Денот на бесплатните стрипови“  во единствената стипарница во земјава, „Бункер“ во саботата претпладне беше како оние кога се велело, се чека ред за леб, или подоцна како за во кино, или за во диско, да не кажеме како на каса во некој маркет.

    Редицата од стрипофили од најразлични возрасти уредно се формираше пред 10 часот, како што беше најавено, а се протегаше пред стрип-книжарницата во Градскиот ѕид во Скопје, за манифестацијата која преку САД од 2002 година е раширена и прифатена во над 30 земји од светот.

    Важно е да се шири идејата дека стрипот е девета уметност, медиум-сублимат на многу уметности, медиум околу кој има квалитетен муабет – брачната двојка Владо и Ана Битољану, сопствениците на првата и единствена стрипарница во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Еден од сопствениците на стрипарницата Владо Битољану, кој со брат му пред 6 години го отвори дуќанот од љубов кон стрипот, а сега е приклучена и неговата сопруга, се малата дружина која се обидува Скопје да не биде на светската мапа како една од метрополите без стрип-книжарница. Велат, во големите градови вакви дуќани има на стотици, поделени по жанрови и стилови.

    „Решивме да се вклучиме во оваа манифестација која ја шири стрип-културата, да привлечеме нови посетители кои можеби ќе се вратат, а и да им се оддолжиме на нашите верни читатели. Ние си ги знаеме сите муштерии. Овде доаѓаат луѓе кои не заминуваат за пет минути. Стрипот е феномен, па остануваат долго, разговараме, имаме за што да зборуваме, зашто стрипот е сложен медиум кои опфаќа многу уметности. Не за џабе се смета во светот, а во Франција е и официјално признаен како деветта уметност“, вели Владо. Тој додава дека е многу среќен што на  настанот дошле многу деца зашто смета дека за денешните деца во Македонија стрипот е изгубен медиум. Нив ги интересираат други нешта, вели, а хендикеп е признава, што Македонија е мал пазар, па на македонски има само скромна домашна продукција, потоа преведените лиценцирани изданија од италијанскиот издавач „Бонели“, што ги издава „М комикс“, а сето останато е на српски или на хрватски јазик.

    „Жал ми е, зашто во поранешна Југославија децата, меѓу кои бев и јас,  растеа на стрипови. И денес наши најверни читатели се оние кои пораснале од 60-те до 80-тите години на минатиот век кога во тогашна Југославија излегуваа и до  600 наслови годишно, а таа земја беше меѓу петте во Европа по продажба на стрипови“, зборува Битољану околу стрип-културата кај најмладите, потсетувајќи се оти сиот свој џепарлак своевремено го оставал на стрипови.

    Редицата за стрипови на „Денот на бесплатните стрипови“ во единствената стипарница во земјава, „Бункер“ во саботата претпладне беше како оние кога се велело, се чека ред за леб, или подоцна како за во кино, или за во диско, да не кажеме како на каса во некој маркет (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека стрипот за неговото формирање како личност одиграл поважна улога отколку, на некој начин наметнатите лектири или учебниците. „Некој човек кој спасува Индијанци во некој вестерн, кога сум бил дете, имал за мене попластича улога во објаснувањето на тоа што е добро, а што лошо во општествен контекст. Стрипот потоа одигра и голема улога врз мојата љубов за читање книги,како и кон разбирањето на останатите уметности со кои е поврзан, со филмот, со сликарството “,вели Владо.

    Тешко, но и слатко одат овие први 6 години за стрипарницата „Бункер“ чиј тим наоѓа начини како да опстане, да го најде својот есап, а и да ја задржи урбаната култура во земјава. Играчките се дел од стратегијата, велат, па во дуќанот може да се најдат некои фигурички и играчки на познати јунаци за стрипофилите, од оние холивудските кои секоја година прават по некој блокбастер за некој од суперјунаците, Бетмен, Супермен, Железен човек, до некои помалку познати за широката публика. Владо вели, филмката идустрија е огромен пазар, па од „Бункер“ некогаш знаат да донесат и неколку колекционерски примероци од некој порцелански Бетмен на пример, што чини по 5 илјади денари, колку да сме во тек со тоа што сè оди со одреден суперхереој.

    Но, во стрипарницата се обидуваат да имаат се и за сечиј џеб и вкус, од евтини, киоск изданија, до албуми во тврд повез, графички новели, колеционерски изданија од сите познати стрип-школи и автори од светот.

    Ако сте некој класичен тип, ќе се стопите кога ќе видите изданијата на Корто Малтезе или на Модести Блејз, кои Владо вели дека сè уште многу се бараат, а се популарни се вели на пример мангите, јапонските стрипови, кои пак, српските издавачи ги печатат со упатство, зашто се читаат од назад кон напред, како и што се нацртани.

    Далеку сме уште, велат од „Бункер“, и додаваат:„ Во ерата на Интернет кога е се достапно, жално би било допрва да сме на маргините на светските текови, кога на пример ‘Маус’ од Шпиглеман во 90-тите години доби  Пулецерова награда, или кога оригиналните табли од цртежите на Енки Билал се продаваат како уметнички слики и по 100 илјади долари една, кога во Франција се милионски тиражите на стриповите, а мангите во Јапонија и во светот заедно со видеоигрите ги надминуваат сите рекорди“.

    На „Денот на бесплатни стрипови“ во „Бункер“, бесплатната литература од над 130 наслови  брзо отиде, но книжарницата беше во текот на целиот ден исполнета со љубопитни изрази на нови физиономии заинтересирани за изданијата кои со голем попуст се продаваа.

    Детска е радоста во „Бункер“ дека многумина од новите читатели ќе се приклучат на семејството на  нивните  верни муштерии во комлексниот свет на стрип-културата.

     

     

     

    Детска е радоста во „Бункер“ дека многумина од новите читатели ќе се приклучат на семејството на нивните верни муштерии во комлексниот свет на стрип-културата – (Фото: СДК.МК)

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира