САМОСТОЈНОТО ВБРИЗГУВАЊЕ БОТОКС КУПЕН ОНЛАЈН Е РИЗИЧНО, МОЖНИ СЕ ИНФЕКЦИИ И БОТУЛИЗАМ

    САМОСТОЈНОТО ВБРИЗГУВАЊЕ БОТОКС КУПЕН ОНЛАЈН Е РИЗИЧНО, МОЖНИ СЕ ИНФЕКЦИИ И БОТУЛИЗАМСè поголема е загриженоста околу достапноста на лекот наречен „Инотокс“, кој нелегално се продава на интернет. (Фото: Котонбро)

    Експертите упатија предупредување до луѓето кои бараат евтини третмани слични на ботокс, апелирајќи да не си вбризгуваат сами инјекции поради ризик од „паднати очни капаци“, инфекции, па дури и ботулизам.

    Сè поголема е загриженоста околу достапноста на лекот наречен „Инотокс“, кој нелегално се продава на интернет. За разлика од ботоксот, кој доаѓа во форма на прав и мора да се раствори пред употреба, „Инотокс“ е веќе подготвена течност, што го прави полесен за самоупотреба.

    Британскиот министер за здравство, Вес Стритинг, најави планови за воведување закон со кој ќе се стави ред во, како што го нарече, „дивиот запад“ на козметичката индустрија во Англија, каде што има многу малку регулација за тоа кој може да изведува третмани како дермални филери и ботокс.

    Енон Харпер-Мачин, консултант по пластична хирургија и портпаролка на Британската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи (БАПРАС), изјави дека онлајн достапноста на „Инотокс“ е застрашувачка и апелираше граѓаните да не си даваат сами инјекции.

    „Луѓето би можеле да си предизвикаат паѓање на очните капаци и секакви чудни асиметрии со вбризгување на погрешно место, премногу длабоко или премногу површно. Може да го вбризгате во крвен сад и да добиете ботулизам“, рече таа.

    Производите како ботокс и „Инотокс“ содржат ботулински токсин тип А, кој ги блокира нервните сигнали и ги спречува мускулите да се собираат. Иако ботулинскиот токсин во Велика Британија се издава само на рецепт, „Инотокс“ лесно може да се купи онлајн без рецепт, што ги зголемува стравувањата од нестручни и нерегулирани даватели на услуги, како и од нелиценцирани или фалсификувани производи.

    Софи Купер, директорка на клиниката „Харли Стрит Скин“, вели дека трендот е поттикнат и од социјалните мрежи.

    „Креатори на содржини на ‘ТикТок’ ги споделуваат своите резултати од самоинјектирање на ‘Инотокс’, што ги охрабрува гледачите да го следат нивниот пример. Се тврди дека ‘Инотокс’ има поедноставен процес на инјектирање, побрзо дејство, подолг ефект и пониска цена. Во реалноста, самоинјектирањето на ‘Инотокс’ како алтернатива на ботоксот носи многу опасности“, вели Купер.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира