Шапка што му припаѓала на Наполеон Бонапарт се продаде на аукција во Париз за 1,9 милиони евра. Направена од крзно од црн дабар, нејзината проценета цена била меѓу 600.000 и 800.000 евра.
Историчарите велат дека дворогите шапки биле препознатлив дел од имиџот на Наполеон и ги имал околу 120. Сепак, се верува дека се зачувани само 20-ина и многу од нив се наоѓаат во приватни колекции.
Шапката што сега се најде на аукција, заедно со други лични предмети на Наполеон, досега била во сопственост на индустријалец кој починал минатата година.
„Луѓето секаде ја препознавале оваа шапка. Кога би ја виделе на бојно поле, знаеле дека Наполеон е таму. Во приватен живот, секогаш ја носел на глава или во рацете. Таа беше симбол на царот, симбол на неговата епоха“, изјави аукционерот Жан Пјер Осенат.