ШТРКОТ ИЛИНКА ОДОМАЌИНЕТ ВО ОБЛЕШЕВО ГОДИНАВА ГО ОДБЕЛЕЖУВА 14. ИМЕНДЕН

    ШТРКОТ ИЛИНКА ОДОМАЌИНЕТ ВО ОБЛЕШЕВО ГОДИНАВА ГО ОДБЕЛЕЖУВА 14. ИМЕНДЕНШтркот Илинка е миленик на семејството Стоилови кое го смета како рамноправен член на куќата. (Фото: СДК.МК)

    На 2 август 2007 година во дворот на семејството Стоилови од кочанското село Облешево повредени слетале две штркчиња, слаби и изнемоштени. Видливи биле повредите на нивните крилца. Таки Стоилов заедно со сопругата Лепа веднаш се обиделе да ги санираат повредите.

    „Сметав дека штркчињата првин треба да зајакнат, ако добро се нахранат. За жал, едното штркче не издржа, но другото што остана по неколкудневно давање на мали рипчиња закрепна и се поврати во живот“, вели Таки кој тие денови малку го занемарил својот автомеханичарски сервис само да го поврати во живот новиот член во семејството.

    За неколку дена преживеаното штркче почнало да шета во дворот, а како воден и биотичен шлаг добро му дошло малото базенче со фонтаната што семејството Стоилови го имаат во дворот од нивната куќа.

    Уште првите денови на целото семејство на Таки и на неговите две деца штркчето им станало миленик. Со оглед на тоа што сето ова почнало да се случува на празникот Илинден решиле да го крстат Иле. На крајот од сезоната, на 14 август кога штрковите почнаа да го напуштаат селото, нивниот штрк пробал да полета, но не успеал, па така до ден денешен останал да живее со нив.

    „Го крстивме Иле, но по седум години се испостави дека штркот не бил Иле, туку Илинка, затоа што снесе јајца. Јајцата беа неоплодени што го видовме откако Илинка сама со клунот ги скрши, а во нив немаше род. Не знаеме дали и кога се спарила, но сум слушнал дека некои несат јајца без спарување, па можеби и заради тоа јајцата беа неплодни“ вели Таки.

    Без разлика на името, дали Иле или Илинка, од 2007 година, па сè до годинашниов празник Илинден, тие со штркот го одбележуваат неговиот именден. Годинава му го одбележуваат 14. именден.

    „Ни доаѓаат дури и гости затоа што на сите во семејството ни беше нов член. Уште првиот ден знаев дека штркот ќе ни донесе среќа и бериќет. За кратко време синот Мики се ожени, а подоцна добивме две внучиња, а едно внуче имаме и од ќерката Елена која живее во Кочани“, вели Таки.

    Сите се околу штркот Илинка, а најмногу Таки кој секојдневно го храни и надгледува. Годинава го одбележуваат нејзиниот 14 именден. (Фото: СДК.МК)

    На свадбите и на крштевките Илинка била главен домаќин, одела од маса на маса и земала по нешто од чиниите.

    „Никој не ѝ забележуваше, дури гостите сами и ставаа по нешто во клунот, а таа да не биде премногу досадна ќе отиде до базенот или во собата што ја направиме на приземје каде што и денеска си живее. Преку денот другарува со кокошките, а дворот го чува од змии. Еднаш штркот беше фатил змија долга повеќе од еден метар“, вели сопругата Лепа.

    „Не можеше да најде другар-штрк затоа што тие кога доаѓаа во Облешево и се населуваа во нивните бројни гнезда го сметаа за предавник затоа што на заминување тој не полетуваше со нив. Една година дури беше молскавично нападнат од еден штрк , но добро е што ние бевме во дворот и го спасивме. Сигурни сме оти Илинка не е виновна, дека била исфрлена од родителите и при лет фрлена во нивниот двор. Штрковите тоа го прават кога сметаат дека некое штркче не можат да го прехранат или тоа не можејќи добро да лета ќе падне“, вели Таки, кој уште првите години почнал да чита литература за штркови.

    Десеттина кочански села, главно оние кои се во Општината Чешиново-Облешево се натпреваруваат кој повеќе штркови и штркови гнезда има. Сите велат дека нивното село има најмногу , но просекот е од 100 до 200 штркови гнезда, па и заради тоа се смета дека кочанските села се државни рекордери и по гнезда и по број на штркови.

    Тие најмногу го населуваат овој крај поради плодната оризова котлина која изобилува со мочуришни води, но и речна вода како што е Брегалница и располага со многу риба, жаби и разни инсекти со кои најмногу се хранат штрковите.

    „Сите села имаат многу штркови и штркови гнезда, но досега никој нема ваков случај во регионот и пошироко некој штрк независно од кои причини да се насели во домашен двор и да стане дел од семејството. Дури пред извесно време бев повикан од жител во село Спанчево кој рече дека во неговиот двор има мало штркче и не може да лета. Ме викна како доктор да сум. Го прегледав, му дадов храна по мој тертип, мали рипчиња и за кратко време штркчето си дојде на себе. Домаќинот толку беше среќен и долго ми се заблагодаруваше. Мислам, дека и тој почна да го чува штркчето, освен ако не пролетало и заминало со другите штркови“ вели со задоволство Таки Стоилов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира