Си-Ен-Ен на својата веб-страница во категоријата „патувања“ објави љубовна приказна за Македонец и Полјачка кои во 2005 година како тинејџери се запознале на камп во Грција. Многу години подоцна повторно стапиле во контакт, почнале љубовна врска и сега се во брак и имаат две деца.
Владо Димовски и Ига Олзак се запознале кога тој имал 18 години, а таа 16. Во кампот Скотина во близина на Катерини во Грција се дружеле како пријатели, а потоа продолжиле да комуницираат праќајќи си мејлови бидејќи во 2005 социјалните мрежи не постоеја.
„Си имавме испратено над 100 мејлови. Но, со текот на времето нашата комуникација престана, и двајцата започнавме врски со други луѓе“, вели Ига.
Во меѓувреме, Ига се омажила, но после една година се развела. Владо останал ерген. Престанале да се допишуваат.
Но, неколку години подоцна, со појавата на социјалните мрежи тие повторно случајно стапиле во контакт. Се се нашле преку Фејсбук. Ига тогаш живеела во Германија, а Владо во 2015 се иселил во САД.
Еден ден, Ига на Месинџер му пишала на Владо дека е на пропатување низ Македонија и ако е слободен би можеле да се видат. Владо, кој веќе бил преселен во Чикаго, ѝ одговорил дека за жал не можат да се видат, но идејата за повторна средба не му излегувала од глава. Набрзо, на доаѓање кон Македонија за да ги види неговите, Владо решил неколку дена да остане во Германија и ја посетил Ига, која тогаш живеела во Билефелд. Тогаш почнала нивната врска, обновена многу години по тинејџерските симпатии.
„Се чувствував како повторно да се поврзав со мојот најдобар другар“, изјави Ига за Си-Ен-Ен.
Кратко време потоа Ига се преселила во Чикаго кај Владо, каде што и сега живеат со нивните две деца.
Владо за Си-Ен-Ен раскажа дека ја побарал Ига за жена со видео снимено на истата плажа каде се запознале.
„Се вратив во Македонија кога почина мојата баба, чија љубовна приказна секогаш ме импресионираше. Решив кога ќе се вратам во Чикаго да ја побарам Ига за жена. Додека бев дома, заминав со пријатели во кампот во Грција каде што се запознавме и снимив видео на плажата, а потоа во песокот напишав ‘Ќе се омажиш ли за мене?‘. Кога се вратив, излеговме на вечера, го пуштив видеото на телефон и ја побарав за жена“, раскажа Владо.
Минатото лето, Ига и Владо заедно со нивните деца ги посетиле Грција и плажата каде што се сретнале за првпат.