„Stopthetraffik“ е мотото на годинашното 16 издание на Моден викенд Скопје, кој ќе се одржува од 22 до 25 октомври во хотелот „Мериот“. Ќе има 14 ревии и презентации на истоимената тема.
Скопскиот Моден викенд оваа сезона се вклучува во глобалната кампања #Stopthetraffik# и „#ГлобалБланкет“ покрената од британската огранизација „STOP THE TRAFFIC“, придружувана од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.
„Желбата да се сменат нештата во текстилната индустрија и неверојатната иницијатива да се соберат милион квадрати од рециклирани парчиња текстил со кои ќе биде сошиена „глобалнапрекривка“ на свеста за нас беше предизвик на кој со задоволство одлучивме да му се приклучиме. На #ГлобалБланкет иницијативата се придружија и дизајнерите учесници со уникатен дизајн кој го испечативме и на маици за поголема видливост на поддршката која ја даваме“, рече денес Марија Илиќ од тимот на Моден викенд Скопје.
Според Магдалена Несторовска, национален координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, оваа кампања е наменета како за работниците, така и за работодавачите во текстилната и модната индустрија, со цел да ја препознаат трговијата со луѓе како форма на организиран криминал, која воедно претставува грубо кршење на човековите права, и правата на работникот.
Сезоната есен-зима 2017/2018 ќе ја отвори ревијата на „Папаз“ и колекцијата „Подем на гревот“ на дизајнерот Андреј Папаз Ѓоргиевски.
Ќе следи најновата колекција на „Сигма накит“, колекцијата „Маршот на боговите“ на Викторија Арсовска и за крај „Арт деко“ на „Ателје Коцарева“.
Вториот ден ќе започне со студентите кои се под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева од Институтот за дизајн и инженеринг на текстил на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.
Од идеја за кожурец како прва фаза од развојот на пеперутка, преку трансформација и финална фаза, 2017 година за студентите е одбележана како година во која континуирано се работи на тема „Метаморфоза“.
Со ревијата ќе биде заокружен целиот метаморфозичен процес кој претрпел еволутивни промени низ три фази.
Следуваат ревиите на Сара Реџиќ и колекцијата „Бохемиан рапсоди“ , најновата колекција на„Марсин“ наречена „Инсајд аут“ на Марија Трајанова, за прв пат „Минна фешн“ и колекцијата „Лав д спарк“ , и за крај на вечерта „Драма Студио“ со колекцијата „Концепт 2020“.
Претпоследниот ден на есенскиот моден викенд ќе го отвори ревијата на ателјето „Алшар“ и колекцијата „Калеш Анѓа“.
Следуваат ревиите на „Валоне фешн груп“ од Косово и за прв пат српската дизајнерка Ана Трошиќ Трајковиќ со колекцијата „42“.
Вечерта ќе ја заокружи ревијата на„Шалева котур“ со колекцијата „Француска елеганција“.
Затворањето на Модниот викенд Скопје е на 25 октомври во „Иновативниот центар на Македонски Телеком“ со мултимедијална презентација на Ирина Тошева поддржана од топси.мк.
Б.НЕСТОРОСКА