СРПСКИ ТЕАТАР ВО КОСОВО ПОСТАВУВА МЈУЗИКЛ ЗА МИЛОШЕВИЌ – „СЛОБОДАН ШОУ“

    СРПСКИ ТЕАТАР ВО КОСОВО ПОСТАВУВА МЈУЗИКЛ ЗА МИЛОШЕВИЌ – „СЛОБОДАН ШОУ“Премиерата на мјузиклот за Слободан и Мира Милошевиќ се најавува за февруари. - Слободан Милошевиќ (Фото: АФП)

    Српска театарска трупа во Косово ќе постави мјузикл за животот на поранешниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ и за неговата сопруга Мира Милошевиќ.

    „Слободан Шоу“ ќе игра од февруари во Грачаница, голема етничка српска енклава во централно Косово. Земјата од 1,8 милиони луѓе ја сочинуваат претежно етнички Албанци.

    „Пробите ќе започнат во средината на месецов, а премиерата се планира в февруари“, изјави за АФП композиторот на „Слободан шоу“, Марко Грубиќ.

    Милошевиќ владееше со Србија низ војните во 90-тите на Балканот кога се распадна Југославија, вклучувајќи го и конфликтот во Косово 1998-1999 година.

    Милошевиќ, кој беше соборен по големите протести во октомври 2000 година, почина во 2006 година, на 64 години, во неговата келија во Хаг, каде што му се судеше за воени злосторства.

    Неговата вдовица Мира Марковиќ, која предводеше своја политичка партија и беше наречена „Леди Магбет од Балканот“, пребегна во Русија во 2003 година, по обвиненијата за корупција во Србија.

    „Слободан и Мира беа нераскинлива двојка на врвот на државата во еден клучен момент, распадот на Југославија и редефинирањето на светот“, изјави за српските медиуми Јелена Богавац, авторка на текстот за мјузиклот.

    Сите актери се членови на театар во Србија, во Грачаница, каде што се преселија од Приштина по војната.

    Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, потег што Белград не го признава.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира