Првите јавни настапи на националните институци за музичко-сценски фолклор после коронакризата, треба да се насочат кон вокални и инструментални концерти во помал обем и тие да се случуваат главно на отворено, е еден од заклучоците од онлајн состанокот на раководствата на трите најголеми сродни национални институции од регионот, српскиот „Коло“, хрватскиот „Ладо“ и македонскиот „Танец“. Тие имаа состанок на тема „Шоуто мора да продолжи, но како?“, со цел побрзо справување со актуелната состојба и подготовка за безбедно враќање на работа на уметниците во ансамблите.
Поради пандемијата на коронавирусот, затворени се и сите институции од областа на културата. На средбата, како претставници на „Коло“ од Србија учествуваа директорот Владимир Декиќ и организаторот Страхиња Бошковиќ, „Ладо“ го претставуваа директорката Илеана Јурин-Бакотиќ и уметничкиот раководител на танцовиот ансамбл Крунослав Шокац. Од македонска страна, говореа уметничката раководителка на „Танец“, Бранка Костиќ-Марковиќ и раководителот на играорниот кор на ансамблот Марјан Андоновски.
Костиќ-Марковиќ вели дека едногласно било истакнатооти најголем предизвик со најмногу неизвесности е почнувањето на безбедната работа на сите вработени во ансамблите, но посебно на танцовиот оддел, поради колективната интеракција меѓу голем број учесници, а притоа како да почитуваат на сите препорачани мерки за физичка дистанца.
„Во таа смисла беа дискутирани подготвителните кондицициски тренинзи во мали групи на отворено, гарантирањето на безбедни услови за изведба на истите, можната работа на смени на затворено и обезбедувањето на секојдневна неколкукратна дезинфекција на просториите“, вели уметничката директорка.
Раководителите разговарале и за концерти на отворено, за големите ограничувања на настапи во затворени сали, проблемот со веројатниот скептицизам и кај уметниците и кај публиката за учество на концертите. Притоа, вели таа, не смее да се заборават и оригиналните традиционални носии кои во зависност од концептот на сценското претставување ги менуваат меѓусебе многу членови на ансамблите и кои бараат посебни услови на чување и дезинфекција.
На онлајан дискусијата тие, меѓу другото, заклучиле дека не смеат да се прават отстапки во програмата во смисла на менување на репертоари, оти тоа би било задирње во суштинатата на тие институции, а тоа е фолклорната традиција.
Б. НЕСТОРОСКА